Книжарница
Бул. Партизански одреди 70Б-локал 9

Со големо задоволство ви ја претставуваме „Тајните на Чароводие“ од авторката Јулија Иванова — првата книга од популарниот фантези циклус „Чароводие“, која конечно е достапна и за македонските читатели во превод на Максим Каранфиловски. Прекрасните илустрации во книгата се дело на познатата сликарка и мултипликаторка Татјана Петровска.
Добредојдовте во светот на Чароводие! Седум острови кријат во себе мноштво тајни: тука сè е исполнето со волшебна сила со која може да се управува со помош на живи камења – чаронити, одважни заштитници јаваат на крилати змејкучиња и патролираат по небото, а некогашните прогонети јавачи ненадејно се враќаат за да се одмаздат за дамнешните навреди.
Елда живее во осамен замок и дури не ни насетува какво богатство наследила од мајка ѝ – призрачен камен со три живи искри внатре. Некој со сета сила се труди да ја скрие вистината од девојчето, но верните другари ѝ помагаат на Елда да сфати дека светот наоколу воопшто не е таков како што таа си го замислувала. Нејзе ѝ претстои судир со прогонетите, да го отвори прозорецот во другата реалност, да го почувствува предавството на блиските и да пронајде во себе сили да оди до крај.
Ќе успее ли Елда да го обнови орденот кој исчезнува, да ги одгатне сите загатки и да открие кои ѝ се вистински пријатели, а кои се предавници?
Книгата е првенствено наменета за читатели од средна школска возраст, но и за сите оние љубители на пишаниот збор кои летаат во соништата и мечтаат за волшебни и неоткриени светови.