Книжарница
Бул. Партизански одреди 70Б-локал 9

Во рамките на годинашното издание на манифестацијата „Рацинови средби“, вчера во Велес се одржа промоцијата на книгата „Кон творештвото на Васил Тоциновски“ од проф. д-р Васил Дрвошанов, во организација на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“.
Промоцијата се одржа во прекрасниот амбиент на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, каде што љубителите на литературата имаа можност одблиску да се запознаат со ова значајно дело посветено на еден од најистакнатите современи македонски книжевници и книжевни историчари – Васил Тоциновски.
За книгата говореше промоторот Мишо Китановски, кој на исклучително инспиративен начин ја пренесе вредноста и значењето на оваа обемна студија. Книгата е објавена по повод 80 години од раѓањето на Васил Тоциновски и содржи четиринаесет научни и критички прилози, поделени во три тематски целини: поетски интерпретации, книжевни толкувања и јазични анализи. Во неа проф. д-р Дрвошанов се осврнува на различни сегменти од богатиот творечки опус на Тоциновски, придонесувајќи кон негово подлабоко научно и книжевно вреднување.
Настани од ваков вид секогаш нѐ исполнуваат со гордост, бидејќи претставуваат вистински придонес кон афирмацијата и развојот на македонската литература и култура. Особено нѐ воодушеви енергијата и посветеноста на членовите на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, кои со својата активност континуирано го збогатуваат културниот живот во Велес и пошироко.
По завршувањето на промоцијата, програмата продолжи во Спомен-куќата на Кочо Рацин, едно од најзначајните културни обележја на градот. Таму беше промовирано списанието „Велес“, а вечерта беше заокружена со поетско читање на членовите на клубот, кое создаде посебна атмосфера и уште еднаш потврди дека Велес со право го носи епитетот на град на литературата.
На сите што досега немале можност да ја посетат Спомен-куќата на Кочо Рацин, искрено им препорачуваме да го сторат тоа. Сместена на живописното „Сокаче на поезијата“, една од најпрепознатливите тесни и стрмни велешки улици, куќата претставува вистинско патување низ животот и делото на еден од темелниците на современата македонска литература.
Фотографиите од настанот се дело на Дејан Таневски.



























