Дијалектологот Конески

300 ден

Опис

Придонесот на академикот Блаже Конески (с. Небрегово-Прилепско, 19.XII 1921–Скопје, 7.XII 1993) во македонистиката е исклучително голем. Полето на неговата работа, иако е мошне испреплетено, условно речено, може да се подели на четири области: научна дејност, книжевна дејност, педагошка дејност и организациска дејност.
Во сите четири области дејноста на академикот Конески, во најголем број случаи, има признак на првичност.
Во научната област, којашто опфаќа широк ареал од лингвистиката и од културната историја на македонскиот народ, изразен во голем број библиографски позиции, од кои 27 одделни публикации од лингвистиката и 170 студии и есеи од книжевноста и од културната историја, неизбежно е споменувањето на фактот дека тој е составувач на најголемиот дел од првиот Македонски правопис, објавен во 1945 година, и на проширеното издание Македонски правопис со правописен речник, објавен во 1950 година. Неговото име е поврзано со основоположничките трудови на македонскиот јазик (на граматиката, на речникот, на историјата и на историската фонологија).
Во книжевната дејност, Конески е маркантна личност, првенствено, во поезијата, но тој е прозаист и есеист. Во неговиот поетски опус, помеѓу другото, доаѓа до израз нераскинливата врска на традицијата, колективот и поетот, односно на поетот Блаже Конески како лирски субјект во почитувањето на македонската традиција и на својата длабока љубов кон македонски народ.
Овде треба да се спомене и преведувачкиот зафат на Конески, кој приопштува на македонски јазик познати дела од светската класика, пред сè, поезија во македонската книжевност.
Многумина се прашуваа(т): Дали Конески повеќе е лингвист или повеќе е поет? За лингвистите, првенствено, тој е лингвист, а за писателите, пред сè, тој е поет. За волја на вистината, Блаже Конески е лингвист и поет. И тоа не каков било лингвист или каков било поет туку голем лингвист и голем поет. Всушност, Конески е најголем лингвист и најголем поет. Блаже Конески е мислител и мајстор на зборот. Голем мајстор. Велемај­стор. Тој е на врвот и на полето на лингвистиката и на полето на книжевноста и долго ќе остане на самиот врв, пречекорувајќи го своето време и македонскиот простор.
Во книшкава се анализираат трудовите на Конески од научната област дијалектологија на македонскиот јазик објавувани во списанијата: Македонски јазик, Прилози и Studia linguistica Polono-Jugoslavica, во зборниците: Годишен зборник на Филозофскиот (Филолошкиот) факултет, Зборник радова о Александру Белићу, Zbornik radova povodom 70. godišnjice života akademika Jovana Vukovića, Научна дискусија и Национално-културната дејност во јужновардарскиот регион со посебен осврт на Гевгелиско-дојранскиот крај во текот на XIX и почетокот на XX век: материјали од симпозиумот во Стар Дојран на 27 и 28.VI 1987 година: (во рамките на „Дојрански ракувања“ ’87) и во книгата Струшкиот говор: (според некои материјали од XIX век) на Крум Тошев. Студиите и статиите што се предмет на анализа се објавувани во текот на четири децении, почнувајќи од 1948, заклучно до 1988 година.
Неоспорен е фактот дека објавувањето на трудовите во различно време во период од шест години, почнувајќи од 2016, заклучно до 2022 година, и во различни публикации го отежнува нивното следење. Дијалектолошките трудови на Конески ги обработивме во шест написи и ги објавувавме во списанијата: Македонски јазик, Македонистика, Литературен збор, Просветно дело и Современост и во зборниците: Навраќање кон Конески и Македонскиот јазик – извор на научни истражувања. Во книшкава е вклучено излагањето на Меѓународната конференција Актуальные проблемы македонистики и словенистики (посвящённый юбилеям доц. О.С. Плотниковой, проф. А.Г. Шешкен и проф. Н.Н. Стариковой) што се одржа на 15 април 2022 година во Москва. Оттука се јави потребата анализираните студии и статии да бидат обединети во една целост за да бидат подостапни на научната и на пошироката јавност. Патем да споменеме дека трудовите на Конески во книшкава, главно, се претставени хронолошки, според годината на нивното објавување или според тематиката.
Треба да нагласиме дека разгледуваните трудови на Конески се единствени од тој вид во македонската наука за јазикот и сосем малку или воопшто не ѝ се познати на пошироката јавност во Македонија. Ова е обид македонската поширока јавност да се запознае со прикажаните дела, коишто имаат висока научна вредност.
Иако трудовите на Конески се публикувани пред неколку децении, тие никогаш не ја губат актуелноста. Разгледуваните трудови од областа дијалектологија на македонскиот јазик го осветлуваат Блаже Конески како извонреден дијалектолог. Оценките за анализираните трудови се само патоказ до изворниците, коишто по начинот на интерпретацијата на дијалектниот материјал претставуваат модел за толкување на различни прашања од областа на дијалектологијата.

Критики

Нема критики сеуште.

Бидете први кои ќе разгледате “Дијалектологот Конески”

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *