Нишки до срцата

300 ден

Регистрирај се, нарачај ја оваа книга и освој 30 Поени!

Наташа Брезовска-Богоевска не ѝ е непозната на македонската читателска публика досега, во својот творечки опус веќе има повеќе дела поезија и проза како за деца така и за возрасни, а повеќе пати нејзините раскази биле наградувани и забележувани како драгоцен придонес кон македонската белетристичка литература. Во оваа збирка раскази таа се пројавува како мајстор на кусиот прозен жанр, а големиот опус раскази зборува за нејзината посветеност на секој внимателно избран збор, лапидарноста на изразот зборува за високата креативност на авторката: со малку зборови
да каже многу, да погоди токму во срцата и на пребирливата читателска публика и со интерес да се очекува секое нејзино следно остварување.
Нејзините раскази „Кукли“, „Спомени“, „Преку океанот“, „Спасување“ и многу други издишуваат човечки топол здив што е чуен и восприемлив за секој вистински читател, обременети со пораките: Назад кон природата!; Семејството е света работа!; Љуби го ближниот свој!; Верувај во моќта на љубовта! итн. На мошне сликовит и колоритен начин ни ги доближува токму овие трајни човечки вредности, кои не губат смисла и во овие луди времиња и зборуваат дека само со вистинска верба и истрајност се стигнува до вистината и токму тие моменти на топлина и грижа од најблиските се вистинска среќа за секој човек и сите животни несреќи и предизвици полесно се пребродуваат со вербата во доброто. Со секој нејзин расказ извира по една нишка до срцето на читателот.
Авторката верува во човекот, верува во неговата добрина, во неговата верба дека доброто со добро се враќа, па да ѝ веруваме и ние дека овие топли животворни редови се дел од нејзиното богато животно искуство, кое на најдобар можен начин го преточила во литературно дело вредно за читање и за паметење.
Проф. д-р Снежана Петрова-Џамбазова

Писател

Наташа Брезовска-Богоевска

Наташа Брезовска-Богоевска е македонска писателка за деца и возрасни.

Наташа Брезовска-Богоевска е родена во декември 1971 година во Гостивар. Основно училиште завршува во родното место. Средно училиште започнува во Гостивар, а завршува во „Јосип Броз Тито“, Скопје. Дипломира Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје.

Две децении работи како наставничка во ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ с. Иванковци ‒ Велес. Од 2021 година работи во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес.

Во своето работно искуство како наставничка е долгогодишна менторка на ученици со кои освојува награди и признанија на општинско, државно и меѓународно ниво. Тринаесет години го уредува училишниот весник „Цутар“. Еден мандат е претседателка на Друштвото на македонски јазик и литература на град Велес, еден мандат членува во организацискиот одбор на Сојузот на Друштвата на македонски јазик и литература за подготовка на државни натпревари. Во своето работно искуство како наставничка изработува сценарија и режира театарски претстави за училиштето и општината.

Како библиотекарка, таа е носителка и реализаторка на проекти од Библиотеката и Министерството за култура.

Член е на жири-комисија за Детски Рацинови средби.

Учествува со свои излагања на меѓународни конференции.

 Творештво

Авторка на песни и раскази за деца, млади и возрасни, објавени во заеднички збирки и антологии. Авторка на прилози објавени во „Просветен работник“ и „Колибри“. Соработничка е со детските списанија „Другарче“ и „Росица“, каде што објавува свои раскази.

Нејзините раскази се наградувани на државно и меѓународно ниво.

 Дел од книгите се преведени на англиски јазик.

Наташа Брезовска-Богоевска ги напишала следниве книги:

  • „Детства“ – раскази за деца и млади, 2020 (промовирана на Детски Рацинови средби);
  • „Авантурите на желчето Тео“ ‒ сликовница, 2020 (добитничка на награда за најдобра книга ‒ сликовница на Денови на македонската литература за деца 2020);
  • „Приказна за две деца“ ‒ раскази за деца, 2023;
  • „Нишки до срцата“ ‒ раскази за возрасни, 2023 (промовирана на Саемот на книга);
  • „Шумски приказни“ ‒ книга ‒ сликовница, 2023.

Застапена е во заедничките изданија

  • „Литературни искри“ ‒ 2017, 2020, 2024;
  • „Симфонија на срцето 4“, 2020;
  • „Карантински приказни“, 2020 (електронско издание);
  • „Различни светови“, антологија, 2023;
  • „Детски соништа“, антологија, 2023;
  • „Стихувалки“ ‒ 2019, 2022, 2023, 2024.

Награди и признанија

  • Добитничка на награда за најдобра режија на театарска претстава на „Драмски аматерски фестивал“, Кочани;
  • Добитничка на награда за најдобра книга ‒ сликовница на Денови на македонската литература за деца 2020 „Едука Мак“ во соработка со КИЦ Бугарија;
  • Добитничка на втора награда за поетска творба на Сојуз на просветни работници;
  • Добитничка на трета награда за расказ на наградниот конкурс „Секоја капка спомени“ во организација на „Макпрогрес“;
  • Добитничка на прва награда на меѓународниот конкурс „Божиќна приказна“;
  • Добитничка на прва награда на државниот конкурс по повод „Месецот на книгата“ при Домот на култура „Илинден“ и НБ „Петре М. Андреевски“ Демир Хисар;
  • Добитничка на прва награда на конкурсот „Магија на карневалската маска“ при ЛУБ „Благој Јанков Мучето“ Струмица;
  • Добитничка на трета награда на конкурсот за краток расказ „И цвеќе и шлаканица“ во организација на Организација на жени во Битола и НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Критики

Нема критики сеуште.

Само најавени корисници кои го купиле овој продукт може да остават коментар.

×