Тајни порти

300 ден

ТАЈНИТЕ РЕЗБИ НА ДУШАТА

(Рецензија за збирката песни „Тајни порти“

од Мито Спасевски)

Во тековите и резултатите на современата македонска поезија Мито Спасевски има сопствено место и значење со кругот од теми и мотиви, и посебно со автохтоната поетика. Станува збор за автор чии текстови и не мора да бидат потпишани, а читателот точно ќе одреди оти нивен потписник е тој. Тие и такви вредности од првата стихозбирка „Усвитена постела“ (1984) се посебности и вредности и во новиот ракопис „Тајни порти“.

Своите човек и живот, време и простор уште во воведната песна „Прагот на старата куќа“ авторот ги возвишува/воспева во нивните универзални димензии и значења како несомнен знак за суштинската естетска вредност на пресоздавањето живот во литература. Испис кој ги меморира егзистенцијалните димензии со прашањата и недоумиците на минливоста, бесмислата, апсурдот и парадоксот. Длабат мислата и пеењето со „бодежи што распарчуваат“, се отклучува душата и се отвора портата кон просторите бескрајни во делби и разделби, преселби во туѓина. Болни се откорнувањата задоени од „Мајчинството од дланките“ од каде што се создаваат/создале нови рожби, се вознесувале радост и среќа, добрина и љубов, доверба и простување. Што се субјектот, колективното меморирање како идентификација за еднаш и кратко дадениот човечки живот. Во песната „Синопсис“ точно и прецизно како да се исцртуваат границите на постоењето.

„Знајни и незнајни хоризонти, / низ вонземен предел ги заведуваат сонцето и виделината, / Понорни угорнини ми дебнат во сонот, / Што од плими, што од осеки. / Ни изгрев во квечерини, ни залез рано в зори на изгрејсонце.“

Јазикот се почитува и се сака така како што се сака и се брани татковината. Тој е знак на човекот и на колективот кои имаат ист/еден збор и песна по кои се препознаваат и се помнат во светот. Во песната „Мртвата стража на јазикот“ низ критички однос поетот ги открива и ги покажува вредностите со зборот и со мислата пресоздадени во трајни траги на сегашноста како нераскинлива врска со минатото и со иднината. Животот се возвишува и се чува со љубов, чиста како солза и трајна како вечност не по убавите зборови, туку по големите и хумани дела. Онаа љубов во песната „Крајбрежна балада“, и онаа како мисла и порака од „Зборот светлоносен“, „Резби во душата“, во стиховите со кои компаративно еден наспрема друг се поставени човекот и природата (Водно, Кокино).

Поезијата на Мито Спасевски ја красат богатство од метафори и симболи. Песните инспирирани и посветени на липата се единство или поточно ода за обединувањето на човекот со својот корен. Народната мудрост оставила порака оти каменот си тежи на своето место. Липата го има најмоќниот и најдлабок корен, позната е неговата неуништливост, па токму низ тие и такви релации Спасевски ги создава своите песни како мудрост и поука, љубов и добрина, со одбрани зборови кои се подредуваат и го градат/создаваат домот/песната, книжевноста која што непосредно извира и го одразува животот, но притоа секогаш била и останува нешто повеќе од самиот живот.

Рецензент,
Васил Тоциновски

ИСБН

978-608-253-354-4

Корица

мека

Година на објавување

2026

Број на страници

56

Писател

Мито Спасевски

Критики

Нема критики сеуште.

Само најавени корисници кои го купиле овој продукт може да остават коментар.

×