Книжарница
Бул. Партизански одреди 70Б-локал 9

Книгата „Речник на синоними во македонскиот јазик“, бездруго, влегува во богатото семејство на македонски лексикографски трудови создавани во долг временски период, односно во една подолга македонистичка традиција. За илустрација да спомнеме неколку од нив: речникот на Константин Миладинов приложен на крајот од Зборникот на народни песни од двајцата браќа од 1861 година; четиријазичникот и тријазичникот на Ѓорѓија Пулевски од 1873 и 1875 година; тритомниот Речник на македонскиот јазик со српскохрватски толкувања од составувачите Тодор Димитровски, Благоја Корубин, Трајко Стаматоски, а под редакција на Блаже Конески од 1961, 1965 и 1966 година; Обратен речник на македонскиот јазик од Владимир Миличиќ под редакција на Кирил Конески и Александар Џукески од 1967 година; Речникот на македонската народна поезија од група автори под редакција на Тодор Димитровски; Интенцијално-синтаксичкиот речник на македонските глаголи од група автори под редакција на Благоја Корубин и Снежана Велковска; Речникот на презимињата кај Македонците од група автори во редакција на Трајко Стаматоски од 1994 година; Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција од група автори чиј главен уредник е Зденка Рибарова; Толковниот речник на македонскиот јазик во 6 тома од група автори (од 2003 до 2014 година); бројни двојазични речници и лексикони на странски зборови; Речникот на антоними во македонскиот јазик од Роза Тасевска и многу други, а некои од тие „многу други“ се и: Речник на странски зборови во македонскиот јазик од Толе Белчев од 2010 година; Македонско-германски и Германско-македонски речник од Толе Белчев и професорката Билјана Ивановска од 2012 година; Основен македонско-турски речник од професорката Марија Леонтиќ од 2016 година; Речник на турцизми, архаизми, дијалектизми и ретко употребувани зборови во македонскиот јазик од Толе Белчев од 2016 година. Тоа значи дека македонската лексикографска дејност има една богата традиција, а доказ за тоа е и овој „Речник на синоними во македонскиот јазик“ што го изработивме заедно со почитуваната колешка, за жал сега веќе покојна, Снежана Веновска-Антевска и со голем број соработници од наставниот кадар и од студентите на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Во Предговорот кон Речникот, приложен од проф. Снежана Веновска-Антевска, прецизно се наведуваат податоците за составот на оваа книга, но да ги дадеме и овде во една кратка, сублимирана форма: Речникот содржи 548 страници речнички текст, предговор, список на скратеници и користена литература; клучниот дел од Речникот опфаќа 19 365 заглавни збора со податоци за секоја буква одделно (на пример, под буквата А има 453, под буквата Б 679, под З 1 238 заглавни збора и така натаму); повеќето заглавни зборови имаат повеќе од еден синоним што значи дека Речникот содржи над 50 000 обработени зборови и слично. И кога веќе сме кај статистичките податоци, да укажеме попрецизно и на тоа дека во изработката на Речникот учествуваа двајца автори, 27 соработници од наставниот кадар, двајца волонтери и 26 студенти од Филолошкиот факултет во Штип.
Но, она што на овој Речник му дава дополнително значење е обработката на синонимите и преку асоцијативниот модел, односно преку поврзувањето на поимот (т. е. означеното) со знакот (т. е. ознаката) со што се нудат и преносните, фигуративните (метафоричните) врски меѓу одделни зборови. Со тоа, содржината на овој Речник се приближува до интенцијата на руските формалисти, на чело со Виктор Борисович Шкловски од 1914 година кој се залагаше за „воскреснување на зборот“, односно до тезата за метафоричната генеза на зборовите според која денешните природни јазици не се ништо друго туку „гробишта од метафори“. Има многу такви примери во овој „Речник на синоними во македонскиот јазик“ кај кои станува очигледна аналогната врска меѓу ознаката и означеното, а овде ќе наведеме само неколку од нив: касач – зајадливец; бодеж – нож; камелеон – вртикапа – превртливец; вечна – пекол; будно – внимателно; благ – добар – мирен; бистар – интелигентен и така натаму. Ова е особено забележливо во поетскиот јазик, односно во стихотворните книжевно-уметнички текстови во кои, како што нагласува Јуриј Лотман, во зависност од опкружувањето, кој годе збор може да му стане синоним на некој друг збор. Тоа значи дека овој Речник разјаснува одредени прашања, но и отвора некои други прашања од областа на синонимијата во лингвистиката, но и во книжевната теорија што само по себе зборува за неговата вредност, за неговото значење.
И за крај уште една „доблест“ на овој Речник која, според мене, е многу важна за сите нас како професори, како учители, како даскали: со овој „Речник на синоними во македонскиот јазик“ не само што се кажува туку и се покажува на кој начин можеме да ги мотивираме и да ги поттикнеме нашите сегашни и идни студенти да бидат активни и креативни во текот на студиите, зашто (како што е општопознато) знаењето не се пренесува најдобро само со кажување, ами и со покажување. Со Речникот, меѓу редови, се пренесува и една учителска ука: да не им кажуваме на студентите како се работи туку да им покажуваме како се работи и да ги ангажираме во што поголем број вакви активности.
Затоа, горд сум и почестен што заедно со проф. Веновска-Антевска и со големиот број соработници успешно го реализиравме овој проект наречен „Речник на синоними во македонскиот јазик“ и да си посакаме на крај да ни се множат вакви и слични книги во македонската лексикографија и воопшто во македонистиката.
Проф. д-р Толе Белчев
| Тежина | 500 кг |
|---|---|
| Димензии | 240 × 170 × 4 cm |
| ИСБН | 978-608-253-318-6 |
| Корица | мека |
| Број на страници | 560 |
| Формат | 170х240 (Б5) |
Само најавени корисници кои го купиле овој продукт може да остават коментар.
Критики
Нема критики сеуште.