За нас

Живееме со приказните

Штом стигна до оваа страница, веројатно имаш книжевна опсесија. И веројатно сакаш да дознаеш кој стои зад нашата издавачка куќа и како започна сè.

Јас сум Филип Баткоски, и буквално сум растен со книги. „Бата прес“ ја основаше мојот татко, Ненад Баткоски, во 1995 година. Како поранешен новинар со големо искуство, првично ја замисли компанијата како новинска агенција, со повремено објавување книги. Оттука и „прес“ во називот на издавачката куќа. „Бата“ пак, доаѓа од нашето презиме, класика за деведесеттите.

Првата книга ја објавивме во 1996 година – „Македонска бизнис елита“ од Ненад Баткоски. Потоа луѓето почнаа да нè препознаваат како место каде што можат да добијат помош и професионална поддршка за објавување книги. Следуваа години во кои издававме македонски автори, но и преводи од соседството.

Во 2011 година се приклучив и јас, како втора генерација. Со мојата младешка енергија и искуството на татко ми, го пренасочивме целото внимание кон издаваштвото и започнавме да објавуваме преводи од целиот свет. Подоцна ни се приклучија и мојот брат Јово, мајка ми Марица, па и сопругата Симона. Денес, нашето семејство заедно се труди да ги донесе најинтересните приказни до вас, читателите. Секако, за растот на нашата издавачка куќа се заслужни и многубројните преведувачи, лектори и дизајнери со кои долги години соработуваме.

Во речиси три децении имаме објавено автори од најразлични жанрови. Од добитници на Нобелова награда како Нагиб Махфуз, до поети како Назим Хикмет. Од популарни современи автори што редовно се на светските листи на најпродавани книги, како Џози Силвер, Кетрин Сентер и Марк Волин – до млади македонски писатели кои штотуку започнуваат.

Немаме „еден“ правец. Објавуваме поезија, проза, нефикција, детски книги… Сè што сметаме дека вреди да биде прочитано. Важно ни е секоја книга да биде квалитетно изработена и да стигне до вас на вистински начин.

Многупати низ годините слушнавме дека печатената книга „умира“. Ние одбиваме да веруваме во тоа. Напротив, веруваме дека секогаш ќе постојат луѓе што сакаат да ја почувствуваат тежината на книгата во рацете, мирисот на ново отпечатените страници и магијата на приказната што ве држи будни до доцна во ноќта.

Ние живееме со приказните, и веруваме дека тие никогаш нема да престанат да живеат – сè додека постојат луѓе што сакаат да читаат.

Филип Баткоски

Управител

Луѓето зад издавачката куќа

Ненад Баткоски

Главен уредник

Марица Баткоска

Финансии

Симона Баткоска

Дизајн и дигитални медиуми

Јово Баткоски

Маркетинг и дистрибуција

×