Објавено на

„Кога си мал сакаш да пораснеш, а кога ќе пораснеш си носталгичен кон детството“ – Рецензија на Стефани Табаковска

„Волшебницата од долниот кат“ од Марчин Шчигелски

Со прекрасни илустрации, ова е приказната за малата Маја која го поминува летниот распуст во куќата на Бабуле. А, во куќата и околината на Бабуле се случуваат безмалку чудни работи….необични звуци се слушаат од таванот, а се чини дека мачорот и верверицата може да зборуваат. Маја е испратена надвор од Варшава поради предвременото раѓање на нејзината сетричка и родителите го поминуваат поголемиот дел од времето во болница. Маја го поминува времето гледајќи телевизија. Слатко се насмеав на: Одиш кај Бабуле и готово – потврди мајката. Бог ќе те казни за оваа неправда – врати тажно Маја, како тие госпоѓите од попладневните серии и отиде во својата соба. Иако првата ноќ во домот на Бабуле поминува бавно и планира како утредента ќе се јави на родителите и ќе замоли да ја земат дома, следниот ден сосема заборава на оваа своја намера како и дека Бабуле нема телефон нити телевизор во боја. Опишана како современа бајка за деца, книгава ќе ве потсети на времето без технологија и паметни уреди, на детството поминато во двор или играјќи се на улица, на распустите на село…. на едно поедноставно, но истовремено поубаво време. Кога си мал сакаш да пораснеш, а кога ќе пораснеш си носталгичен кон детството. Има мошне комични моменти, илустациите ви ги доловив на втората фотографија.

Илустрациите се на Магда Вошик

Сметам дека повеќе е за тинејџери отколку деца бидејќи стилот на пишување е можеби малку комплициран за дете, има зборови и фрази кои би биле неразбирливи или за кои би требало дополнително објаснување. А, секако ја препорачувам и на возрасните, слатко ќе ве насмее и ќе ве замисли. Ова е авантурата на Маја и нејзината имагинација, мачорот, верверицата и Лажливите Лилии. И Бабуле, да не ја заборавиме Бабуле! 😀Изданието е на Бата прес.

#КнигаНаДенот

Стефани Табаковска