Објавено на

ВЕВЧАНСКИОТ СЛУЧАЈ – МЕТАФОРА ЗА НЕПОКОРОТ

ТЕКСТОТ Е ПРЕЗЕМЕН ОД mkd.mk

 

 

Книгата можете да ја купите на овој линк:

https://kupikniga.mk/product/vevchani-koj-ke-gi-izmie-ratsete/

35 години од Вевчанскиот случај – метафора за непокорот

Наводниот спор за водата меѓу Вевчани и Октиси, беше официјалната причина за суровата интервенција на полицијата на 26 мај и 7 август 1987 година врз Вевчанци. Власта сакаше овој случај да го претстави како судир меѓу две села, но сѐ прерасна во борба на народот со бирократијата. Случајот Вевчани се трансформира во движење за отпор, демократија, човекови права и слободи.

„Вевчанскиот случај”, кој во својата најдрастична форма се манифестираше со двете интервенции на полицијата на 26 мај и 7 август 1987 година, своето место го наоѓа токму во континуираниот отпор на вевчанци, при посегањето во нивните права. Тој всушност стана најсилна метафора на нивната вечна борба за опстанок на овој простор и на непокорот, кој со векови, постојано ги иницира развојните процеси и размислувањата за проширување на слободите и демократијата.

Поавторитетните аналитичари на настаните од 1987 година и во годините што следуваа, кога на демонстрацијата на сила од страна на власта и на примената на различните форми на притисок се одговараша со разни форми на непослушност, протести и борба за зачувување на сопственото достоинство, оценуваат дека атакот врз Вевчани имаше повеќе причини. Тие на крајот сосема се вклопуваат во сценариото и намерата на власта за демонстрација на сила и обидот да го бранат тогашниот политички „систем”, ако е потребно со употреба на сите видови на сила и со сите и најгруби форми на притисок врз граѓаните.

Оваа теза може да се поткрепи со повеќе клучни аргументи:

Партиско – полициските структури го очекуваа отпорот на вевчанци, но ни оддалеку во своето сценарио не можеа да ги предвидат формите на отпорот, неговите димензии, влијанието на медиумите, како и текот на политичките процеси и промени што ги зафатија некогашните социјалистички држави, а во кои Вевчани има доминантно и заслужено место.

Одбраната на „системот” и своите лични пресметки во партиско полициската и политичката номенклатура, власта ја креираше со создавање на еден догматски, застарен и страшен идеолошки стереотип, дека отпорот на вевчанци е инспириран однадвор и од политички и државни непријатели од најразлични видови – граѓанска десница, информбировци, верски шовинисти. Со тоа всушност на Вевчани му беше ставена колективна етикета на политичка неподобност и идеолошко непријателство на системот.

Идеолошка матрица на власта во медиумскиот настап и налагаше предимензионирање на формалната причина за спорот – водата, а во идеолошкиот настап, во не многу затскриена форма минимизирање на сопствената глупост, зад синтагмата „вевчански синдром”, која како црв ја риеше и уриваше самодовербата на власта во релизацијата на кабинетските сценарија.

При атакот на Вевчани, власта ги имаше вкалкулирано постојаните повоени недоразбирања меѓу општинскиот центар во Струга, од една и Вевчани, од друга страна. Но во својот настап, оваа димензија, власта ја прикриваше, така што тој медиумски се претставуваше низ различни и контраверзни модели: власта, особено пред македонската јавност, се трудеше настаните да ги прикаже како судир на две села, а вевчанци, пошироката демократската јавност и водечките интелектуалци, го претставуваа како судир на народот со бирократијата и борба за човекови права и достоинство .

Излегувањето на специјалните полициски сили во Вевчани, на 26 мај и 7 август 1987, малтретирањето на жените, децата и старците, може да се означи како меѓник за отворен настап на силите на репресијата против напливот на демократски идеи и општествени промени. Оттогаш натаму, репресијата и примената на сила не престанаа на просторите на поголемиот дел од поранешна Југославија, туку добиваа сѐ позастрашувачки димензии.

Силата на Вевчани произлегуваше пред сѐ од длабоко вкоренетата традиција за непокор и отпор на наметнувањето на волјата на властодршците, што историски гледано е постојано присутно на овој простор: одбивање на исламизацијата за време на отоманската власт и организирањето на оружен отпор против неа, битката против качачките банди, учеството на вевчанци во Втората светска војна. Тој континуиран отпор претставуваше едукација на населението за организиран настап.

Во душите на генерациите вевчанци кои учествуваа и го носеа расплетот во драмата на „Вевчанскиот случај”, како жива незалечена рана и како запис во колективната меморија, беа сеќавањата на притисоците што во повоениот период, ги правеше, сега веќе македонската државно партиската олигархија, против сѐ што со тешка мака, ентузијазам и труд е создавано во Вевчани: отварањето претпријатие со седиште во Вевчани, дом на култура, кино сала, хидроцентрала, печалбарска задруга, отварањето на здравствена станица по војната. Во 1968 година власта се обиде незаконито и со полициска интервенција да ја задуши работата на здравствената станица. Сѐ што вевчанци иницираа да се направи за напредок на селото, дочекувано е на нож, со трагични последици за неговите жители. Тие во повоениот период при судирите со бирократијата, постојано беа жигосувани како политички непријатели. Таквите етикети најчесто им се прилепуваа на најучените, најупорните и најтрудољубивите вевчанци.

Колку што повеќе „Вевчанскиот случај” во јавноста добиваше на тежина, се множеа пријателите на Вевчани, од редот на истомисленици, врвни и неприкосновени интелектуалци. Вевчани стана „Мека” за сите што беа со слободумни идеи или трпеа некаков вид неправда, а сето тоа заедно со интелектуалната и вкупна сила на населението, печалбарите, граѓаните и вевчанците надвор од родното место, природно се вградуваше во еден силен демократски тек, кој поткрепен од силата на се поотворената јавност, ништо не можеше да го запре. Случајот Вевчани се трансформира во движење за отпор, демократија, човекови права и слободи.

Медиумите имаа значајна ролја во доведувањето на вевчанските настани до разрешница. Во упорниот пат на Вевчани до правдата, македонските медиуми, покажаа невидена инфериорност, карактеристична и за другите средини во поранешна Југославија, кога станува збор за анализи на настаните на „домашен” терен. Медиумите во Белград, Љубљана, Сараево, Титоград, преку критиката изречена на македонската политичко партиска номенклатура, ја опоменуваа и македонската, но и бирократијата во сопствените средини. Долготрајното и упорно опстојување на медиумите во Македонија во одбрана на ставовите на македонското политичко водство, само ја аргументираше неподготвеноста да се прифатат демократските промени кои ги налагаше крајот на осумдесеттите години. Отпорот и одбраната на сопствените права, придонесе темата Вевчани, како модел на критика на тогашниот општествен и политички систем, да не се симнува во јавноста и да го задржи интересот на јавното мислење и покрај такви настани како што беше – преземањето на власта од страна на Милошевиќ во Србија, порастот на национализмот, падот на Југославија и создавањето на национални држави и повеќепартиски систем. Вевчанските партиски организации делуваа како фракција во тогашниот СКМ и СКЈ и тие во разговорите со највисоките партиски функционери, изразувајќи го своето несогласување со неподготвеноста на комунистичката партија да се промени самата и да придонесе за пошироки општествени промени, најавија формирање на нова политичка партија, уште во времето кога на други места се зборуваше само за „ситно”, „козметичко дотерување” на социјализмот. Очигледно беше дека политичките елити во Македонија и Југославија немаа сенс за времето и промените што доаѓаа.

Разрешницата на „Вевчанскиот случај”, донесе извесна сатисфакција: Вевчани стана средиште околу кое се одвиваше вкупната битка за пробив на идеите за човекови права, слободи и демократија. На 5 мај 1989 година, речиси целокупното партиско и државно раководство беше принудено да излезе пред вевчанци на платото пред зградата на Централниот комитет во Скопје и да ја осуди полициската интервенција. Новото македонско партиското раководство, на крајот сепак најде сили и токму во Вевчани, летото, на 9 август 1990 година, се извини и ја промовираше Декларацијата за човекови права. Претходно Собранието на Македонија ја осуди интервенцијата на полицијата во Вевчани. Како значаен резултат на битката на Вевчани за одговорност, беше и симнувањето од власта на дел од државните и партиските функционери, креатори на „Вевчанскиот случај”. Подоценежните упорни настојувања вродија со плод и дојде до обновување на самостојна општина со Законот за локална самоуправа во 1996 година.

Накусо кажано, со погрешниот чекор направен во Вевчани, власта неминовно се заглиби, во отворен фронт со народот и „лов на вештици”, кој, во судир со демократските идеи, на овој или друг начин мораше да излезе на виделина. Вевчанските партиски организации делуваа како фракција во тогашниот СКМ и СКЈ. Очигледно беше дека политичките елити во Македонија и Југославија немаа сенс за времето и промените што беа на врата.

Најслободното толкување на овие настани, во вевчанскиот отпор, демонстративниот и радикален настап, секако може и треба да ја пронајде тесната врска со напливот на демократските идеи и идеите за цивилното општество што се манифестираа во штрајкот со глад, секојдневните мирни протести, формирањето на одборот за човекови права, еколошкото здружение, славењето на годишнини од настаните, кампањата „со култура против некултурата”, свеќите над сеуште „живото идеолошко ткиво на комунизмот”, протестите пред Општинскиот комитет и Централниот на СКМ, одењето во сојузните институции – Собранието на СФРЈ, ЦК СКЈ. Вевчани, политички, медиумски и реално во животот беше македонската демократска пролет и настаните кореспондираа или беа претходница, на она што се случуваше на поширокиот простор во тогашна Југославија, но и во другите земји на реалсоцијализмот. Со иницирањето на формални и неформални институции на цивилното општество, немирењето со ситните отстапки, енергично се најавуваше повеќепартизмот, борбата за човекови права и цивилното општество.

За жал Вевчани беше почеток и крај на демократијата. Некако со стивнувањето на вевчанскиот случај, стивна борбата за слобода и демократија, а народот во Македонија, и во сопствената независна држава и во повеќепартискиот систем стана плен и предмет на нови манипулации.

Хронологија на поважните настани

– Јануари 1987 – општинските раководители во Струга навестуваат дека ќе се употреби и сила за да се реши комуналниот проблем со водата.

– 15 мај 1987 година, во Струга, меѓу општинското раководство и претставниците на Вевчани е постигнат договор за решавање на проблемот на водоснабдувањето и изградба на резервоар за вода во Вевчани.

– 26 мај 1987, работите започнуваат ненајавено, без почитување на постигнатиот договор и со интервенција на специјалната полиција против народот. Медиумите – „Борба”, „Новости”, „Политика” и „Дело” објавија вести за интервенцијата.

– Вевчанските печалбари и вевчанци што живеат на просторите на Југославија, организирано упатуваат телеграми со протести против насилството што власта го прави во Вевчани.

– 12 јуни 1987 – Претседателството на ЦК СКМ донесува заклучоци со кои Вевчани се анатемисува како непријателско гнездо и со кои се охрабрува општинското раководство да ги засили притисоците.

– Информативниот молк силно е разбиен со писмата на вевчанци објавени во „Политика” (7 јуни) и „Борба” (22 јуни).

– Месната заедница, партиската и другите ограноци на политичките организации во Вевчани ги отфрлаат ставовите на ЦК СКМ.

– 23 јуни 1987 вевчанки, бараат прием кај Лазар Мојсов, тогаш претседател на претседателството на СФРЈ. Наместо Мојсов ги прими шефот на кабинетот.

– Летото 1987 година, постојано се вршат политички и полициски притисоци врз Вевчани – Претседателството на ЦК СКМ, Општинскиот комитет на СК на Струга, како и другите ограноци на политичките организации вршат притисок за диференцијација, а полицијата е постојано и премасовно присутна на сите јавни места.

– 6 август – најава за интервенција на водоводот и предупредувачко доаѓање на полицијата.

– 7 август – започнување на градежните работи со силна полициска интервенција против народот – со тепање на жени, деца и со употреба на електрични палки.

– Младинците започнаа штрајк со глад.

– Започнува мирниот протест на Вевчанци ширум светот.

– Вевчанци се подготвуваат за барање на правда пред сојузните институции, пред сѐ во Собранието на СФРЈ, а на 8 септември, група од 27 вевчанци е примена во Сојузниот собор на Собранието

– 25 септември – Организацијата на СКМ од Вевчани дефинитивно и официјално ја отфрла Информацијата на ЦК СКМ

– „Вевчанска вечер” во Белград.

– 11 – 18 јануари 1988 година – Печалбарски денови, гости: Коле Чашуле, Гертруда Мунитиќ, поети од Словенија, Србија, Црна Гора, екипата на „Дунав- филм”, се снима документарниот филм на Крсто Шканата „Благодариме на слободата”. Хит е беџот на вајарот Воја Василијевиќ. Власта го запленува беџот кај ќе стигне, а на охридскиот аеродром му го одзема беџот на директорот на „Дунав – филм” Никола – Тоља Вучиниќ и му издава потврда за запленетиот „непријателски” беџ.

– 27 март 1988, Белград – Документарниот филм „Благодариме на слободата” на фестивалот на докуметарни филмови ја добива највисоката награда и е прикажан во преполната сала на Домот на синдикатите.

– 25/26 мај 1988 концерт на Бора Ѓорѓевиќ, на првата годишнина од интервенцијата на 26 мај 1987 година.

– Лето 1988 година, телеграма на вевчанската младинска организација со поддршка на словенечката младина.

– 7 август 1988 – Августовски денови на културата, протестен марш, настап на Михаило Србакоски и Анастас Мукоски, претстава на Младинскиот алтернативен театар од Словенија, промоција на книгата “Вевчани кој ќе ги измие рацете” од Жарко Рајковиќ, изложба на фотографии со сцени од насилството врз Вевчани.

– Вевчани врие од новинари, голем број интелектуалци, некои и од Македонија, кои ја изразуваат својата поддршка, а на Струшкуте вечери на поезијата протести на интелектуалците против власта и репресијата.

– Јануари 1989 – Печалбарски денови, гости: Јадранка Јовановиќ, првенец на Белградската опера, филмска вечер посветена на Крсто Шканата, уметничка изложба, изведена е претставата „Лазарево писмо” од страна Факултетот за драмска уметност. Рецитал на Бора Ѓорѓевиќ.

– 17 јануари – општинското раководство се обидува да изнуди компромис.

– 23 и 24 јануари – протестен митинг пред Општинскиот комитет на СК на Струга: се бара дефинитивно утврдување на одговорноста за полициските интервенции и симнување на етикетите фрлени врз Вевчани, како и сменување на одговорните функционери.

– 30 јануари – прием на делегација од Вевчани во Собранието на Македонија, кај претседателот Вулнет Старова. Се бара Собранието да ја утврди одговорноста.

– 30 март 1989, вевчанска делегација кај тогашниот претседател на ЦК СКМ, Јаков Лазароски: се бара повлекување на оценките на ЦК СКМ и смена на инспираторите на случајот во Струга, како и на наредбодавците на полициската ингтервенција.

– 4 мај – протестен митинг во Струга. По долги перипетии и притисоци да не се организира, митингот продолжи во Скопје на 5 мај. На народот од Вевчани, на кој му се придружија голем број на граѓани од Скопје, му се обрати Васил Радиноски и ги посочи барањата за утврдување на одговорноста и за симнување на партиските заклучоци против Вевчани. Највисокото државно партиско раководство, на чело со Јаков Лазароски, излезе пред народот и вербално го осуди насилството, најавувајќи смени на одговорните функционери.

– 9 мај – седница на ЦК СКМ – осуда на примената на сила.

– Августовски денови на културата – гости голем број писатели и интелектуалци. Македонските писатели се поприсутни во Вевчани.

– 26 август – Поетски митинг на учесниците на СВП.

– Септември 1989 – вевчанските комунисти бараат во листите за нови функционери да не бидат вклучени – Јаков Лазаровски, Михаил Данев, Ленче Софрониевска, Димитар Трпеновски, Глигорие Гоговски, Милан Панчевски, Драгољуб Ставрев и други дотогашни функционери, вмешани во вевчанскиот случај.

– Надлежниот одбор на Собранието на Македонија, потврди дека интервенцијата на полицијата во Вевчани е незаконита, дека не се почитувани овластувањата, а градежните работи на водоводот започнати без соодветна документација.

– 9 август 1990 – откриена „Плочата на срамот”. Одржан мирниот протест, а главен гостин беше Викторија Поточник, од Словенија, делегат кој го иницираше расчистувањето на вевчанскиот случај во Собранието на Југославија.

– 9 август 1990 – Новиот лидер на СКМ, Петар Гошев, на неформален начин во име на партијата, се извини на Вевчани, промовирајќи ја “Декларацијата за човекови права”.

Расплет на „Вевчанскиот случај”

„…Крајот на 1989 година донесе конечен расплет на ‘Вевчанскиот случај’. Под притисок на митинзите, извршените разговори со раководните републички структури и отпочнатите демократски процеси се реализираа нашите барања: јавно се осуди примената на сила, именувани се виновниците кои се земени на одговорност, отфрлени се дисквалификациите за Вевчани. Како директна последица на тоа претседателот на ОК СКМ Н. Ѓончески поднесе оставка, разрешени се од функција Александар Андоновски, републички секретар на СВР, Киро Коштанов, потсекретар, Уранија Попоска, претседател на Извршниот совет на Собранието на општина Струга, сменет е комплетниот Општински комитет на СКМ, а во новиот Централен комитет не се избрани никој од посредно или непосредно одговорните за ‘Вевчанскиот случај’. Под вакви услови на се уште силната бирократска спрега, веројатно тоа беше максимум. Вевчанци ја добија битката за својата вистина и, тоа значи целосна морална сатисфакција.

Но, дали е откреина правата вистина? Мислам не! И натаму останува скриена вистинската улога на претседателот на ЦК СКМ и Јаков Лазароски, односно на РИС и Глигорие Гоговски, како претседатели. Личната вина на многумина се сокри во колективната одговорност, иако имаше елементи / и тоа доста/ и за кривично гонење. Поради тоа, задоволството на Вевчанци не е целосно. Сепак, Вевчани треба да се чувствува како победник.

Ненад Баткоски

(Од книгата на Алимпие Анѓелски)

Објавено на

Книгата што ја одбележа втората половина на 2020-та година

По 10 дена гласање на www.kniganagodinata.mk, на 21-ви ноември официјално заврши гласањето и македонските читатели ги избраа своите омилени книги за 2020 година. Изборот се правеше во повеќе категории, а нашата Билјана Мартиновска со нејзината книга „Куќата со жолта фасада“ доби трето место во категоријата „Домашни автори“ со 195 гласови. Второ место доби „Сопругата на детективот“ од Мирјана Проданова (252 гласови) од издавачка куќа „Сакам книги“, додека првото место го доби „Тајната на Алексови“ од Наде Стојиљковиќ (413 гласови) исто така објавена од „Сакам книги“. Упатуваме искрени честитки за Наде и Мирјана! Му честитаме и на Денис Бојаров за изборот на „Нека играат децата“ во најпопуларните пет книги за 2020 година! Денис помогна многу на останатите писатели да ги добијат своите места на листата.

Она што нè прави особено среќни е што се поминати нешто повеќе од три месеци, а ние веќе направивме две мини промоции во Струга и Охрид веднаш по објавувањето и една главна промоција на саемот на книгата во Скопје. Сите три промоции поминаа одлично, но не може да не се издвои промоцијата во Скопје, којашто имаше феноменална посетеност, веројатно најпосетен настан на саемот на книгата во Скопје и покрај непредвидливата пандемија и за време на промоцијата исклучително топлото време. Но, сепак такви се околностите, па најбезбедно беше да се прави промоција надвор, макар и по цена на жешкото сонце.

Досега се продадени околу 500 книги, што е извонреден успех за три месеци во овие чудни времиња. Дури и да не беше пандемијата ова се бројки, повеќе од успешни.

Така што, со гордост можеме да кажеме дека „Куќата со жолта фасада“ дефинитивно ја одбележа втората половина на 2020 година и е апсолутен хит во последните три месеци. Не се сомневаме дека трендот на пораст на читатели на македонски автори ќе ја продолжи побарувачката за книгите на Билјана Мартиновска, која се покажа како неуморна писателка што буквално ја предава целата енергија на своите фанови.

Во оваа прилика би сакале да најавиме дека на почетокот на 2021 година ќе ја објавиме и нејзината прва книга „Точка на враќање“, книга што претходно доживеа две изданија.

Бидете здрави и живи и Ви благодариме на поддршката.

Објавено на

„Нетфликс“ започна со снимање на данската серија „Човек од костени“ во нивна оригинална продукција

Во трилерот „Човек од костени“ улогите ќе ги толкуваат Даница Чурќиќ, Микел Бое Фолсгард и Давид Денцик. Напишан е од сценаристот на „Убивањето“ (The Killing) ‒ Сорен Свејструп за продукцијата САМ.

Серијата започна да се снима во септември во Копенхаген и составена е од шест епизоди.

Искусниот сценарист го пишува сценариото заедно со Дортхе Хох, Давид Сандреутер и Микел Серуп.

Главни ликови во психотрилерот се младата и амбициозна детективка Наја Тулин (Даница Чурќиќ) и нејзиниот партнер Марк Хес (Микел Бое Фолсгард) кои го истражуваат бруталното убиство на млада жена, пронајдена на игралиштето, без едната нејзина рака. Над неа има едно мало човече направено од костени. Набрзо откриваат мистериозно парче доказ на човекот од костени – доказ што се поврзува со ќерката на политичар – што е исчезната една година претходно и се смета за мртва. 

Останатите улоги ги толкуваат Ибен Донрер, Ларш Рантхе, Есбен Далгард, Мортен Бројн и Томас Хван.

Продуценти се Стине Мелдгард и Мортен Кјемс Хитен Јул, додека Свејструп и Мета Луис Фолдагер Соренсен се извршни продуценти.

Сè уште не е објавен датумот на светската премиера на Нетфликс.

Сорен Свејструп во копродукција со Адам Прајс и Фолдагер Соренсен и заедно со Студио Канал и продукцијата САМ, имаат создадено две други серии што американскиот гигант ги прикажува: Норвешката фантазија и драма Рагнарок со две сезони и популарната култна полоитичка драма Борген.

Инаку данската актерката Даница Чурќиќ е родена во Белград.

Извор: https://www.nordiskfilmogtvfond.com/news/stories/netflixs-danish-original-the-chestnut-man-starts-filming

Објавено на

НОБЕЛОВЕЦОТ НАГИБ МАХФУЗ И СОВРЕМЕНАТА ИСТОРИЈА НА ЕГИПЕТ

За сите оние кои не се ориенталисти, археолози, историчари или политички аналитичари, значи за обичните туристи, Египет се сведува на палми, пирамиди и камили.

Тоа е веројатно „проклетство” на сите слични туристички дестинации, чија атрактивност се базира на древната историја – нивната современа општествена ситуација за туѓинците избива во прв план само кога актуелните политички нереди ќе застанат на патот на уживањето на плажите на Шарм ел Шејк, или пустините на Сахара. За што ли се бунат овие луѓе – почнувате да се интересирате тогаш, лути што ви пропаднал долго планираниот одмор. А баш сакавте да го видите тој камен од Розета. Е добро де, па што ако не е таму?

Во контекст на најновите египетски случувања, а токму заради разбивање на еднодимензионалноста на претставите за оваа земја, од „нафталин” ќе го извадиме најпознатото име на египетската книжевност, и низ неговиот животопис ќе се обидеме да ја раскажеме поновата историја на Египет.

Нагиб Махфуз е првиот (и колку што ни е познато засега единствениот) добитник на Нобеловата награда за литература од арапскиот свет, а неа ја доби далечната 1988. Во текот на неговиот живот бил сведок на две револуции – како момче ја доживеал онаа од 1919, кога Велика Британија се судрила со гневот на локалното население на две нејзини северно-африкански територии, Египет и Судан, по што, во 1922. Египет добива независност. Во 1930. почнува да пишува кратки раскази и новинарски текстови, а неговата прва збирка се појавува во 1938. Се вработува во египетската влада, најпрвин во Министерството за исламски прашања, каде ќе работи следните 35 години. Неговиот инсајдерски статус во египетската бирократија ќе му даде основа за гласните и критички настроени коментари – иако работата му била здодевна, сепак продолжил да се занимава со неа заради инспирацијата која му ја давала за неговата „друга” работа, пишувањето.

Во 1952, Еѓипјаните повторно излегле на улиците, овој пат како реакција на пактот за повлекување на британските трупи од Египет, кој сепак дозволувал нивно присуство во Суецкиот канал. Тогашната влада паѓа, а на нејзино место доаѓа онаа на Гамал Абдел Насер, подржана од голем дел од населението кое во него гледа млад и харизматичен водач. Махфуз сепак не бил импресиониран од Насер, и предупредил на можните тоталитарни апетити на новиот претседател. Наскоро неговите стравувања се оствариле –Насер го претворил Египет во држава со една партија (неговата), и за само една година затворил 20,000 луѓе кои на овој или на оној начин биле поврзани со опозицијата. Махфуз, по убедување социјалист, го пишува романот Децата на Гебелави кој наскоро, заради критиките упатени кон власта, ќе биде забранет низ целиот Блиски Исток.

Иронично, во истото време Махфуз работел како цензор во Државната кинематографска агенција.
Во 1978. е потпишан Мировниот договор од Кемп Дејвид, помеѓу египетскиот премиер Садат и израелскиот премиер Бегин, кој требало да стави крај на триесетгодишниот конфликт помеѓу нивните народи. Махфуз го подржал договорот и со тоа доживотно бил стигматизиран од египетското општество, станувајќи мета на исламските фундаменталисти. Садат е убиен во 1981. на прослава по повод годишнина од изградбата на Суецкиот канал. Го наследува потпретседателот на Владата – Хосни Мубарак. „За да ја смалиме тензијата треба да почнеме да се занимаваме со важните прашања, земјоделството, индустријата и образованието, како и со демократијата, под господин Мубарак”, оптимистички изјавил Махфуз по повод неговиот избор. И до крајот на животот веројатно сто пати се покајал.

Непосредно пред смртта, на 94. години, Махфуз бил речиси слеп и сенилен. Како последица на напад кој се случил во неговиот дом дванаесет години претходно, брилијантниот автор одамна не бил способен да пишува. Длабоките рани од нож во вратот целосно ги оштетиле нервите на неговата лева рака, а тој бил левучар. Обиди тој да биде убиен веројатно имало и претходно, но капак за фундаменталистите бил фактот што тој се ставил на страната на Салман Ружди кога Хомеини го осудува на смрт заради неговите „Сатански стихови”. Иако Махфуз не негира дека делови од овој роман можат да бидат навредливи за исламската вера, тој сепак предност ѝ дава на слободата на уметничко изразување. Неговите атентатори биле осудени на смрт, а тој последните години од животот ги минал по кафани со негови колеги – писатели, и понатаму критички настроен кон секоја недемократска власт.

Нагиб Махфуз на македонски е преведен само со еден негов роман, Мирамар, во издание на Култура, кој веќе не може да се најде по книжарниците. Затоа во прилог ви го пренесуваме неговиот говор по повод добивањето на Нобеловата награда за литература во 1988. Тој е интересен заради описот на различните културни извори од кои се напојува египетската култура, но особено заради иронијата со која Махфуз му се обраќа на западниот, „цивилизиран” свет од името на оној варварскиот, Третиот, кој тоне во беда. „Време е да се прекине ерата на бандити и лихвари. Денес, големината на цивилизацискиот водач треба да биде мерена преку универзалноста на неговата визија, и неговото чувство на одговорност кон целото човештво”, вели тој при крајот на говорот, можеби мислејќи токму Мубарак. Ваквата опомена секако важи и за кој и да е друг лидер во светот.

ГОВОРОТ НА НАГИБ МАХФУЗ ПРИ ПРИМАЊЕТО НА НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА 1988

(прочитан во Шведската кралска академија од Мохамед Салмави)

Дами и господа,

На почетокот би сакал да ѝ се заблагодарам на Шведската академија и на нејзиниот Нобелов комитет затоа што ги забележаа моите долготрајни и упорни творечки настојувања, и би сакал да го прифатите мојот говор со толеранција. Затоа што тој доаѓа од јазик кој на повеќето од вас не им е познат. Но токму тој е вистинскиот добитник на наградата. Оттаму, намерата е неговите мелодии за прв пат да залебдат во вашата оаза на култура и цивилизација. Имам голема надеж дека тоа нема да биде последен пат, и дека писателите од мојата нација ќе го имаат задоволството да седат со целосна доблест помеѓу вас, меѓународните писатели, кои го шират мирисот на радоста и мудроста во овој наш свет, полн со тага.

Ми беше кажано од еден странски дописник од Каиро дека кога било споменато моето име во врска со наградата настанала тишина, и многумина се прашувале кој сум јас. Затоа, дозволете ми да се претставам себеси, онолку објективно колку што е човечки возможно. Син сум на две цивилизации кои во одреден период во историјата биле во среќен брак. Првата од нив, стара седум илјади години, е фараонската цивилизација; втората, стара илјада и четиристотини години, е исламската. Веројатно нема потреба да ви ги претставувам обете, бидејќи вие сте елитата, оние учените. Но нема ни зијан, во нашата сегашна ситуација на познанство и соработка, од едно мало потсетување.

Во врска со фараонската цивилизација нема да зборувам за походите и градењето на империи. Ова стана излитена гордост, околу чие споменување модерната совест, фала му на Бога, се чувствува нелагодно. Нема ни да зборувам за тоа како таа е водена за прв пат кон постоењето на Бога, и нејзината улога во муграта на човечката свест. Ова е долга историја, а сите вие сте запознаени со пророкот-крал Акенатон. Нема дури ни да зборувам за достигнувањата во уметноста и литературата на оваа цивилизација, и нејзините познати чуда: пирамидите, Сфингата и Карнак. Бидејќи оној кој немал можност да ги види овие споменици, прочитал за нив, и се восхитувал на нивните форми.

Затоа, дозволете ми да ја претставам фараонската цивилизација преку нешто што изгледа како приказна, бидејќи моите лични околности направија јас да станам раскажувач. Слушнете, тогаш, за овој регистриран историски инцидент: старите папируси велат дека Фараонот слушнал за постоење на грешна врска помеѓу некоја жена од харемот и маж од неговиот двор. Се очекувало тој да ги погуби во согласност со духот на неговото време. Нo, наместо тоа, тој ги повикал законодавците, и ги замолил да го испитаат случајот. Им рекол дека ја сака Вистината, за неговата пресуда да биде во согласност со Правдата.

Ова однесување, по мое мислење, е поважно отколку формирањето империја или градење на пирамиди. Тоа кажува повеќе за супериорноста на таа цивилизација отколку какви и да се богатства или сјај. Сега таа цивилизација е исчезната – стана приказна од минатото. Еден ден големата пирамида исто така ќе исчезне. Но Вистината и Правдата ќе продолжат да постојат сè додека Човештвото има прониклив ум и жива свест.

Што се однесува до исламската цивилизација, нема да зборувам за нејзиниот обид да формира заедница на сето Човештво во закрила на Создавачот, втемелено врз слобода, рамноправност и простување. Нема да зборувам ниту за големината на нејзиниот пророк. Бидејќи помеѓу вас, мислителите, има и такви кои го сметаат за најголем човек во историјата. Нема да зборувам за нејзините походи кои посадија илјадници минариња кои повикуваат на обожување, лојалност и добро, од големите пространства на Индија и Кина, до границите на Франција. Нема да зборувам ниту за братството помеѓу религиите и расите кое беше постигнато во нејзините прегратки во духот на толеранцијата, нешто што беше непознато за човештвото претходно, а не се повтори никогаш потоа.

Наместо тоа, ќе ви претставам цивилизација во трогателна и драматична ситуација, сумирајќи една од нејзините највосхитувачки карактеристики: при една победничка битка против Византија таа ѝ вратила воени затвореници на завојуваната страна во замена за одреден број книги од древното грчко наследство, од областа на филозофијата, медицината и математиката. Ова е сведоштво за вредноста на човечкиот дух во потрага по знаење, иако побарувачот бил верник во Бога кој ги барал плодовите на една паганска цивилизација.

Моја судбина, беше, дами и господа, да се родам во закрилата на овие две цивилизации, да се задојам од нивното млеко, да се хранам од нивната литература и уметност. Потоа го испив нектарот од вашата богата и фасцинантна култура. Како резултат на инспирацијата од сето ова – како и на моите сопствени немири – зборовите ме оросија. Овие зборови ја имаа судбината да бидат вредни за благонаклоноста на вашата почитувана Академија, која го закити моето дело со големата Нобелова награда. Благодарност од мое име, и од името на оние големи, сега отсутни градители, кои ги имаат основано овие две цивилизации.

Дами и господа,

Можеби се прашувате: овој човек доаѓа од Третиот свет, како наоѓа душевен мир да пишува приказни? Сосема сте во право. Доаѓам од свет кој стенка под товарот на долговите, чие враќање го изложува на изгладнување или нешто многу блиску до тоа. Некои од неговите луѓе исчезнуваат во Азија заради поплави, други во Африка од глад. Во Јужна Африка милиони се соочуваат со отфрлање и одземање на сите човечки права во дома на човечки права, како да не се воопшто луѓе. На Западниот брег и Газа има луѓе кои се загубени и покрај фактот дека живеат на сопствена земја; земјата на нивните татковци, дедовци и чукундедовци. Тие се кренаа да го бараат првото право обезбедено од примитивниот Човек: имено, дека треба да имаат место кое ќе биде признаено од другите како нивно. Страдаат заради нивниот храбар и благороден чекор – мажи, жени, млади и деца – преку кршење коски, убивање со куршуми, уништување куќи и тортура во затвори и кампови. Околу нив има 150 милиони Арапи кои следат што се случува со лутина и тага. Ова е закана за регионот на кого му се подготвува катастрофа доколку не се спаси од мудроста на оние кои сакаат праведен и целосен мир.

Да, како некој кој доаѓа од Третиот свет наоѓа душевен мир да пишува приказни? За среќа, уметноста е великодушна и сочувствителна. На истиот начин на кој се дружи со среќните, таа не ги напушта проколнатите. И на едните и на другите им нуди соодветни средства за да го изразат она што им се собира во градите.

Во овој одлучувачки момент во историјата на цивилизацијата несфатливо е, и неприфатливо, повиците на Човештвото да исчезнат во празнината. Нема сомневање дека Човештвото најпосле созреа, а нашата ера ги носи со себе очекувањата за сојузништво помеѓу супер-силите. Човечкиот ум сега ја презема задачата на елиминирање на сите причини за уништување и истребување. И како што научниците се посветуваат на задачата на чистење на околината од индустриско загадување, интелектуалците треба да се посветат на прочистување на човештвото од морално загадување. Тоа е наше право, и наша должност, да бараме од големите водачи од цивилизираните земји, како и од нивните економисти, да направат вистински скок, кој би ги ставил во центарот на нашето време.

Во древни времиња секој водач работел исклучиво за доброто на сопствената нација. Другите биле сметани за непријатели, или за експлоатирани. Немало друга вредност освен супериорноста и личната слава. Како резултат на ова, биле уништени моралот, идеалите и вредностите; голем број неетички средства биле оправдувани; голем број непознати души исчезнале. Лагите, измамите, предавствата, суровоста, сите тие владееле како знаци на остроумност и доказ за величина. Денес, ова гледиште треба да се смени од корен. Денес, големината на цивилизацискиот водач треба да биде мерена преку универзалноста на неговата визија, и неговото чувство на одговорност кон целото човештво. Развиениот свет и Третиот свет се едно семејство. Секое човечко суштество носи одговорност кон него, преку степенот на знаење, мудрост и цивилизираност кој го има добиено од него. Нема да ги надминат границите на мојата должност ако им го кажам следново во името на Третиот свет: не бидете набљудувачи на нашата беда. Треба да одигнрате благородна улога заложувајќи го вашиот статус. Од вашата позиција на супериорност вие сте одговорни за секој вид злоупотреба на животно, растение, а да не зборуваме за Човек, на која и да е од четирите страни на светот. Доста ни е од зборови. Сега е време за акција. Време е да се прекине ерата на бандити и лихвари. Ние сме во време на водачи кои се одговорни за целата планета. Спасете ги робовите на африканскиот југ! Спасете ги гладните во Африка! Спасете ги Палестинците од куршумите и тортурата! Спасете ги Израелците од сквернавење на нивното големо духовно наследство! Спасете ги оние кои се во долгови заради ригидните закони на економијата! Свртете го вниманието кон фактот дека нивната одговорност кон Човештвото треба да има предност пред нивната обврзаност кон законите на науката, кои Времето веќе ги има прегазено.

Се извинувам, дами и господа, чувствувам дека по малку го вознемирив вашиот мир. Но што очекувате од некој кој доаѓа од Третиот свет? Нели секој сад е обоен од она што го носи во себе? Освен тоа, каде би можеле да бидат искажани подобро страдањата на Човештвото ако не во вашата оаза на цивилизација, основана од нејзиниот голем основач, во служба на науката, литературата и врвните човечки вредности?

Дами и господа,
И покрај сето она што се случува околу нас, приврзан сум кон оптимизмот до крај. Не велам како Кант дека Доброто ќе победи во другиот свет. Бог победува секој ден. Злото е можеби и послабо отколку што го замислуваме. Пред нас имаме неспорен доказ: да не е фактот дека победата е секогаш на страна на Доброто, орди луѓе кои талкаат не би биле способни, соочени со ѕверови и инсекти, природни катастрофи, страв и вообразеност, да растат и да се размножуваат. Тие не би можеле да формираат нации, да напредуваат во креативност и пронајдоци, да ја освојат вселената и да декларираат Човечки права. Вистината е дека Злото е гласен и горд измамник, и дека Човекот се сеќава повеќе на она што боли отколку на она што носи радост. Нашиот голем поет Абул’-Алаа’ Ал-Ма’ари беше во право кога рече:

„Тагата во смртниот час
Е сто пати поголема
Од радоста во часот на раѓањето”

На крајот ја повторувам мојата благодарност и ве молам за прошка.

(превод И.Ј.)