Објавено на

Човештвото е кревко и малку треба од луѓето да се направи убиствена толпа. (Интервју) Мартин Вопенка

Познатиот чешки писател, издавач и новинар, Мартин Вопенка (Martin Vopěnka), пред доаѓањето и промоцијата на неговата детска книга „Заспаниот град“, издание на „Бата прес“, во рамките на проектот „Отворени книги, отворени граници“ поддржан од Европската Унија, имаше видео обраќање до македонските читатели и даде интервју за печатените и електронски медиуми. Делото ќе биде претставено на Саемот на книгата во промотивниот центар во салата „Борис Трајковски“ на 6 мај во 18 часот.

Мартин Вопенка е роден е на 8 септември 1963 година, во Прага. Сопственик е на издавачката куќа „Прах“. Мартин Вопенка ја освои наградата „Златен венец“ за најдобра литература за млади во 2016 година за книгата „Новата планета“. Негови книги се објавени на англиски, полски, руски, арапски, романски и македонски јазик.

Автор е на книгите „Камењата на планините“ (Kameny z hor, 1989), „Бајки од ветровитите планини (Pohádky Větrných hor, 1998), „Крај на законот“ (Konec zákona, 2003), „Мојот пат до никаде“ (Moje cesta do ztracena, 2005), „Петтата димензија (Pátý rozměr, 2009), „Заспаниот град“ (Spící město, 2011), „Заспаната праведност (Spící spravedlnost, 2012), „Заспаната тајна“ (Spící tajemství, 2013),

„Безбојни спомени“ (Nebarevné vzpomínky, 2013), „Нова планета“ (Nová Planeta, 2015), „Мојот брат, месијата“ (Můj bratr mesiáš, 2017) и други дела.

Бевте новинар, долго време сте издавач, а уште од млади години сте писател. И во Македонија е сосема нормално истовремено да се биде во овие три професии. Дали истото се случува во и во Чешка?

Основниот проблем во времето на комунизмот беше тоа што јас не можев да студирам тоа што сакав. Кога би имал слободен избор ќе студирав филозофија или психологија. Од кадровски причини, бидејќи моето семејство се спротивстави на режимот, студирав математика и физика. Но во тoa поле никогаш не се пронајдов, па по револуцијата се одлучив да застанам на свои нозе. Започнав со издавачка куќа, и уште тогаш си реков, дека сакам да направам сѐ само да се посветам на пишувањето. Тоа траеше подолго од што очекував, но денес сум слободен и можам сам да одлучувам за своето време. Публицистика работам само дополнително, статии пишувам само кога чувствувам потреба да се изразам за нешто малку поинаку од тоа како се објавува во медиумите. Но, вистина е, да живееш само од пишување на малиот чешки пазар е скоро невозможно. Поголемиот дел од чешките писатели се принудени да работаат и нешто друго.

Главните ликови во вашиот роман „Заспаниот град“ се четири храбри и решителни деца. Колку е важно децата да имаат свои херои во текот на нивното созревање?

За карактерите на тие браќа и сестри, главните ликови на книгата, се инспирирав од своите деца. Во сите ситуации си ги претставував нив. Мислам дека децата можат да покажат повеќе од тоа што мислиме ние возрасните. Во младата генерација има огромен потенцијал, кој постарата генерација некако го потиснува, наместо да ги мотивира децата. Така што си мислам дека е важно децата во литературата да си најдат херои од своето време, со кои ќе можат да се идентификуваат.

Во приказната сите возрасни паѓаат во длабок сон. Потоа настанува хаос во градот, нема електрична енергија, нема вода, бандите пустошат… Како ги создавате овие приказни, кој е процесот и од каде добивате инспирација?

Внимание, не станува збор за сите возрасни, само за тие што имаат потомство. Спијат и бабите и дедовците. Но возрасните што немаат деца, не спијат. Некои од нив се трудат да помогнат, а други да ја искористат ситуацијата во своја корист. Јас многу размислувам за нашата цивилизација, за нејзината иднина и за тоа колку е кревко самото човештво, и колку малку треба од луѓето да се направи убиствена толпа. Во делото „Заспаниот град“, ги поставив децата во ситуација каде човештвото пропаѓа, но сепак вметнав во нив голема надеж.

Можат многу поуки да се извлечат од книгата. Колку е важно да се држиме заедно, да си помагаме и да не се откажуваме?

Тоа се вистинските вредности, ликовите од „Заспаниот град“ постепено ќе стигнат до нив. На крајот гледаат дека можат да се потпрат единствено сами на себе. На почетокот имаат несогласувања, но сепак на крајот тие се здружуваат и се потпираат еден на друг.

Ве фалат за создавање на книги за деца. Имате добиено и престижни награди. Но, пишувате и книги за возрасни. Кој жанр најмногу Ви лежи?

Само по себе, пишувањето за мене е една голема авантура. Затоа и не се задржувам само на еден литературен жанр, исто како што не патувам и на истите места. Благодарение на далечното студиите по физика напишав и неколку книги за возрасни од иднината. Ме интересира иднината на човештвото и сите мистерии на универзумот и материјата. Мислам дека овие книги допрва ќе бидат објавени низ светот. Во Британија се издаде книгата My Brother the Messiah (Мојот брат Месија) и имаше одлична критика. Покрај тоа пишувам и романи од сегашноста, основани на чувствителна психологија и внатрешна егзистенцијална криза. Мојата најпреведувана книга се вика Moje cesta do ztracena (Мојот пат кон изгубеното) а станува збор за патување на татко со синот по смртта на мајката. Не им се посреќува да си го најдат вистинскиот пат за себе, но во Романија еден со друг ќе се изгубат и ќе пронајдат вистинска љубов во своите срца. Последно во Чешка го објавив романот од сегашноста Poslední stanice Hamburg (Последната станица Хамбург). Покрај тоа пишувам и поезија. Да напишам поема ме прави навистина среќен – секоја поема е вистински подарок од небото. Но исто така ме интересира и исполнува литература за млади и деца.

Сметате ли дека доволно е застапена детската литература во Чешка и воопшто во светот?

Има многу литература за деца, но малку се плашам дека тоа ќе се претвори во еден вид индустрија, конкретно да се издаваат само сликовници, со многу чуден и слаб текст. За мене секогаш на прво место е пишуваниот збор, а илустрацијата е само додаток.

Според книгата е снимен и истоимениот филм. Дали сценариото е соодветно на книгата? Дали сте задоволни од филмот?

Прво не сакав воопшто да навлегувам во тоа, но на крајот сепак го прифатив сценариото, бидејќи ми се чинеше дека во првата верзија ликовите на децата и нивните дијалози се прифатливи. Така што со сценариото сум задоволен. Филмот е правен со многу малку пари. Не можеме да се натпреваруваме со големите странски продуценти. Основата на книгата останува и во филмот, а многу ми се допаѓа актерскиот избор за детските ликови. Бев на снимањето на филмот и тие деца го дадоа својот максимум за филмот.

Дали сте биле досега во Македонија и дали Ви е познат некој писател од оваа земја?

Во 2014 година позајмивме големо возило и со децата започнавме патување низ Балканот – преку Србија одевме за Бугарија, Грција, а се враќавме преку Македонија. Но, на граница се покажа дека возилото има истечен зелен картон, па така не сакаа да нѐ пуштат преку граница. Тоа за нас значеше да заобиколиме околу 1000 километри. Неколку часа со граничните службеници се убедувавме да нѐ пуштат преку граница. За нашите деца тоа беше прва средба со вистински граници, такви какви што ние некогаш ги знаевме. На кратко застанавме во Скопје.

Македонски писатели не знам, но јас обично и не читам многу – повеќе живеам во сопствените приказни. Кога пишувам романи, читањето на други литературни стилови ми пречи. Но секако оваа моја посета на Скопје, ја гледам како одлична прилика да се запознаам со македонската култура. Издавањето на книгата ми направи голема радост. За мене сите земји се еднакви – дали е тоа Британија или Македонија, секогаш кога ќе ми излезе книга во било која земја, тоа е како да добила нов живот.

Објавено на

ТОМАС ЕНГЕР: Крими романите се добар начин да се посочат проблемите во општеството

„Пишувам книги бидејќи сакам читателот да го однесам на патување. Секогаш тргнувам со она што мислам дека може да биде интересна и кул приказна“, вели за весникот “Вечер“ Томас Енгер кој на македонските читатели ќе им биде претставен преку книгата “Каменувана“ во издание на Бата прес, која ќе биде промовирана денеска (13 мај) во 18 часот во рамките на Саемот на книгата

Бевте фудбалер,  па спортски новинар, се бавевте и со музика, а сега сте познат писател на трилери во Норвешка. Како се случи тоа?

Добро прашање… Не знам, ха, ха! Претпоставувам дека луѓето прават различни работи во нивниот живот, пред да ја најдат нивната професија, а ова ете се случи да биде мојот пат. Морам да потенцирам дека не бев многу успешен фудбалер. Играв само во третата лига во Норвешка, а и мојата музичка кариера не е нешто за фалење, барем не засега (но работам на случајот… побарајте ме на Spotify (Спотифај) или на iTunes (Ајтјунс). Но, да бидам писател на крими романи, беше мојот сон откако го открив жанрот, некаде пред 25 до 30 години, и многу среќен што сум во можност да го живеам мојот сон.

Главниот лик во вашиот роман “Каменувана“ (кој според жанр е трилер) е новинар. Има ли биографски елементи во книгата и дали тој во однесувањето, можеби наликува на вас или, пак, е обратно?

Всушност, има неколку. Хенинг Јул е онлајн новинар, како што бев и јас многу години и можам да кажам дека Хенинг на многу начини ги споделува моите мислења и верувања за модерното новинарство. Се разбира има некои сличности меѓу него и мене. На пример, тој живее во Грунерлока, Осло, што исто така е мој кварт. Тој сака да гледа фудбал и да свири пијано, исто како мене. Но, за среќа, моите деца се живи и здрави, нешто што не може Хенинг да го каже за неговиот син Јонас.

Во книгата новинарот го губи синот во пожар. Потоа се среќава со убиство на каменувана девојка, почнува да истражува и насетува некаква поврзаност… Како ги создавате овие приказни, кој е процесот и од каде ги добивате, всушност, идеите?

Тоа е прашање што го добивам многу често, а вистината е дека навистина не знам. Знам дека звучи малку чудно, но идеите само ми се појавуваат во главата одвреме-навреме. Може да се случи дури и навечер додека спијам. Сцената во почетокот на првата книга, на пример – каменуваната девојка – е всушност нешто што го сонував. Но, мислам дека за мене трикот е во тоа што секогаш треба да се внимава на делови и детали што можат да бидат дел од приказната, без разлика дали е ситуација кога наидувате на личност во возот или нешто што кажал или направил соседот. Нешто што читам во весник може исто така да ми донесе идеја, или можеби кога гледам филм или ТВ-серија, можам да добијам инспирација од тоа. Плус, читам многу книги. Така што имам идеи за околу десет нови книги што би сакал да ги пишувам некогаш понатаму. Се надевам дека ќе бидам во можност да продолжам да го правам тоа.

Се добива впечаток дека во книгата градот Осло е уште еден лик. Дали е така?

Па, некои луѓе го имаат кажано тоа во текот на годиниве, но јас не сум сигурен дали се сложувам. Дејствието во романот е секогаш важно и треба да му претставите на читателот како нештата изгледаат, мирисаат и се чувствуваат, што мислат ликовите и како реагираат, а градовите не го прават тоа. Тие се само дел од приказната. Како рамката за сликите. Но ми се допаѓа фактот што многу луѓе добиваат појасна слика за градот преку моите книги.

Ве фалат за создавањето на напната драма, но и за неверојатно фасцинантните карактери. Ве споредуваат и со Ју Несбе и Стиг Ларсон. Каков е вашиот коментар?

Најпрво, тоа е огромна чест. Мислам дека ги имам прочитано и ги обожувам сите нивни романи, но не сум многу по споредбите. Во фудбалот, на пример, супер талентите што добиваат прекар „новиот Кристијано Роналдо“ или нешто така ќе бидат секогаш споредувани со Роналдо, и тоа не им прави на талентите никаква услуга. Во литературниот свет, ако луѓето кога ќе купат моја книга мислат дека ќе добијат нешто по вкусот на Несбе или Ларсон, има веројатност дека тие ќе бидат можеби разочарани. Бидејќи не пишувам како нив. Имам мој стил и форма. Сакам читателите да земат книга од Томас Енгер бидејќи романот е на Томас Енгер.

Со оглед дека и вашиот роман е со крими тематика, дали пишувањето на крими романи во Норвешка е некаков тренд?

Тешко е да се напише крими роман во Норвешка или Скандинавија без потоа автоматски да бидете ставени во кошот со „острата јавна критика“, што е традиција која започна во Шведска со Шевал и Валхе, наназад во шеесеттите и седумдесеттите години. Крими романите се добар начин да се посочат некои проблеми во општеството, но морам да кажам, дека за мене тоа не е главната мотивација. Пишувам книги бидејќи сакам читателот да го однесам на патување. Секогаш тргнувам со она што мислам дека може да биде интересна и кул приказна, и се разбира, темите можат да бидат додавани или ќе бидат додадени во текот на пишувањето, и потоа ќе морам да ги истражам тие теми на соодветен начин. Но, генерално, не пишувам книги за да се вклопат во некој тренд.

Продадени се и правата за филм. Која филмска ѕвезда, според Вас, би била идеална за главната улога?

Сѐ додека не се направи во Холивуд, мислам дека би требало да биде некој машки популарен актер од Норвешка, а Кростофер Јонер е на врвот на мојата листа, а и со години е прв. Ако филмот е холивудски тогаш… Џејк Гиленхал можеби? Да бидам искрен, не сум размислувал многу.

Дали имавте слушнато нешто за нашата земја пред Вашето доаѓање и дали Ви е познат некој фудбалер, музичар или писател од Македонија? Моето знаење за Македонија е некако ограничено, жалам што го велам ова. Норвешките медиуми не го потенцираат многу вашиот регион од светот, а помина многу време откако бев на училиште, така што се извинувам за ова. Но една од најголемите предности да се биде писател е тоа што патувам многу, а сега ќе дојдам, ќе ја посетам и ќе дознам за Македонија и Македонците. Навистина едвај чекам да го направам тоа… (Д.Т.)