Објавено на Остави коментар

Објавена книга за деца и млади „Алма и седумте чудовишта“

Во издание на „Бата прес“ излезе од печат книгата за деца и млади „Алма и седумте чудовишта“ од шпанските писателки Ирија Г. Паренте и Селене М. Паскуал. Автор на илустрациите е Ирис Де Муј, а од шпански на македонски јазик ја преведе Катерина Јосифовска.

Објавувањето на ова дело е подржано од Министерството за култура и Европската унија и е во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, во оваа и во наредната година во програмата „Креативна Европа“ ќе објави 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори.

-Имагинарните чудовишта живеат под креветот на Алма, но не станува збор за хорор приказна, иако во неа има стравови и темнина. Ова е поинаква, поучна приказна, во која, како што забележуваат книжевните критичари „се запознаваме со чудовиштата за да им се спротивставиме“, соопштија од издавачката куќа.

Ирија Г. Паренте (1993) и Селене М. Паскуал (1989) се од Мадрид и Виго. Својот прв роман „Хартиени латици“ (2012) го напишаа заедно и го објавија бесплатно на интернет. На тој начин успеаја да привлечат повеќе од 10.000 читатели. Романот ги поттикна да пишуваат и тие продолжија да творат.

Во 2014 година го објавија романот „Алијанси“, првата книга од трилогијата „Приказни за полната месечина“.

Популарниот шпански дневен весник Ел Паис го прогласи овој роман за една од најдобрите книги за млади во 2014, а во 2015 година, со истиот роман ја освоија позната национална книжевна награда El templo de las mil puertas.

Објавено на Остави коментар

Објавена книгата „Диносаурус“ од Аевар Тор Бенедикстон

Во издание на „Бата прес“ се објави книгата за деца и млади „Диносаурус“ која е дел од серијалот „Твојата сопствена приказна“. Автор на книгата е познатиот исландски писател за деца и млади Аевар Тор Бенедиктсон (Ævar Þór Benediktsson). Илустрациите се дело на познатата илустраторка Евана Киса. Романот од исландски на македонски јазик го преведе Мери Кицовска. Објавувањето на ова дело е подржано и од „Исландскиот центар за литература“ и е во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, во текот на оваа и во наредната година со поддршка од Европската унија, во програмата „Креативна Европа“ ќе објави 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори.

Во оваа приказна главни се диносаурусите. Децата ќе сретнат различни видови на диносауруси и ќе имаат авантура со птеросауруси, велоцираптори и бебиња диносауруси. Но, иновативно и интересно е што самиот читател е вклучен во приказната. Децата сами може да одлучат што ќе се случи. Секогаш кога приказната ќе заврши лошо, тие можат одново да ја читаат. Има многу различни краеви.

Книгите на Аевар Тор Бенедиктсон каде што читателот е самиот одговорен за приказната, се многу популарни и наградувани во Исланд. Овој серијал е препознатлив по кусите поглавја, патувањето низ времето и едноставниот текст препорачлив за почетници во читањето.

Книгата е отпечатена со фонт што им го олеснува читањето на дислексичарите.

Аевар Тор Бенедиктсон е роден 1984 година во Исланд. Тој е еден од најпознатите исландски писатели и има објавено 30 книги. Покрај литературните награди, има освоено и награди за филмски и драмски сценарија, а има и значаен придонес во науката и образованието.