Објавено на

Романот „Неверство“ објавен во Германија

Германската издавачка куќа „Шенк верлаг“ го објави македонскиот роман „Неверство“ на Дејан Трајкоски, во соработка со македонската издавачка куќа „Бата прес“. Германскиот превод на книгата е дело на преведувачот Бенјамин Лангер.
Дистрибутивната мрежа на издавачката куќа „Шенк верлаг“ ги покрива сите држави каде што се користи германскиот јазик.
Преводот е објавен со финансиска поддршка на програмата за литературни преводи „Креативна Европа“, на Европската Унија и Секторот за европски интеграции во Министерството за култура на Северна Македонија.

Романот „Неверство“ во 2015 година беше финалист за годишната награда за прозна книга на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“, беше во потесен круг за наградата на „Утрински весник“, а ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“.

Дејан Трајкоски е идеен автор на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ и уредник на издавачката куќа „Прозарт медиа“. Автор е и на романот „Вистина. Љубов. Рашомонијада“ (2012).