Објавено на

Антонио Итурбе во Скопје

Писателот Антонио Итурбе ќе учествува на промоцијата на неговиот роман „Библиотекарката од Аушвиц“

Во петок, на 30 септември, во 17 часот, во ЕУ информативниот центар EUROPE HOUSE во Скопје, ќе се одржи официјалната промоција на романот „Библиотекарката од Аушвиц“ од познатиот шпански писател Антонио Г. Итурбе. Книгата на македонски ја објави „Бата прес“, а на промоцијата ќе учествува и авторот Итурбе, кој веќе го потврди своето доаѓање. Покрај овој настан, во 12:00 ќе можете да пиете кафе со Антонио Итурбе во книжарницата „Литература.мк“ во Сити мол. Таму исто така ќе можете да ја купите книгата и да добиете посвета.
Важно е да се напомене дека на официјалната промоција нема да можете да ја купите книгата. Книгата ќе биде по промотивна цена во сите книжарници на Литература.мк.

Инаку станува збор за роман кој е преведен на повеќе од 30 јазици. Македонското издание медиумската најава ја имаше на „Фестивалот на книгата 22“ и за романот има голем интерес меѓу љубителите на книгата кои сега ќе имаат можност да се сретнат со авторот. Настанот е отворен за сите посетители и е бесплатен.

Книгата е дел од проектот на издавачот „Отворени книги, отворени граници“ и е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и од Секторот за европски интеграции во Министерството за култура.

Антонио Итурбе (Antonio Iturbe) е писател, новинар и универзитетски професор. Роден е во 1967 година, а уште од рана возраст живеел во Барселона. Со романот „Библиотекарката од Аушвиц“ стекна светска слава, кој беше и најпродаван роман според Сандеј тајмс.