Објавено на

„Моментот е она за што вреди да се живее. Не сеќавањето.“ – рецензија на Билјана Мартиновска за „Единственото сеќавање на Флора Бенкс“

„Единственото сеќавање на Флора Бенкс“ Емили Бар

Моментот е она за што вреди да се живее. Не сеќавањето. Но, за девојка од седумнаесет години, која штотуку почнала да живее, вреди се`-и минатото и сегашноста, затоа што врз нив ја гради својата иднина.Толку длабоко ме трогна приказната за Флора Бенкс, раскажана на еден сосема нов-за мене, стил на раскажување, но исто така и неверојатно возбудлив и привлечен, што не можев да ја оставам ни за миг.Ги вртев страниците во исчекување, надевајќи се дека е тоа само еден лош сон. Дека не е возможно тоа навистина да и` се случува на една толку прекрасна девојка, која изгледа боженствено и која го плени секого кого ќе го запознае. Дишете заедно со неа, се обидувате да и` го втиснете секое сеќавање кое со напор сака да го оживее, а не успевате. Дијагнозата-Антероградна амнезија, сама по себе звучи застрашувачки, па уште кога ќе се додаде на тоа и самата причина поради која таа се појавила како последица, тогаш навистина не можете да сте рамнодушни.Ама за љубовта не постои дијагноза. Ниту лек. Иако љубовта е таа која има моќ да излечи многу поставени дијагнози, да залечи рането срце, да не` издигне и кога се изгубени сите надежи и да не вивне во височините. Еден бакнеж може да промени се`. И Флора „се држи“ за таквото сеќавање како последен спас, како нешто најсвето во нејзините мисли. Нешто што и` ја враќа надежта, храброста и вербата во себе. Таа се сеќава за прв пат на нешто што се случило и сеќавањето е толку свежо, толку живо, што таа постојано и постојано му се навраќа. Восхитена е од способноста да се сеќава, да памти што доживеала и да ги оживува таквите слики во главата. Токму тој бакнеж во нејзиното сеќавање ја тера да го направи невозможното. Она за кое никој не верува дека е способна да го направи, зашто над неа постојано бдеат нејзините родители, будно демнејќи го секое нејзино движење, секоја постапка. Флора конечно е храбра да направи нешто со себе, со својот живот и да излезе од сигурносната зона. А таму, надвор, ја очекуваат илјадници изненадувања, но и фасцинантни вистини со кои се соочува самата, без ничија помош. Нејзините раце се испишани со имиња и локации, работи коишто не смее да ги заборави, но ги заборава. Само не смее да заборави да биде храбра. Храбра е. И исплашена исто така.Ќе го најде ли човекот по кој е тргната? Вистина ли е сето она на што таа се сеќава или е само дел од нејзината илузија? Тежок е ударот на реалноста кој таа го доживува, но кај Флора таквиот удар значи многу повеќе од само освестување. Кај Флора значи созревање, земање на животот во свои раце. Откривањето на целата вистина за Флора е она што ќе ве остави со подотворена уста и со неверување ќе го читате. Во тој миг, сигурна сум дека ќе си поставите илјадници прашања на кои нема да можете веднаш да им најдете одговор, а она кое ќе остане да ечи во вашите уши е следново: до каде е подготвена да оди мајката за да го заштити своето дете?Понекогаш најголемиот подарок што можеме да им го дадеме на нашите деца е слободата на размислување и дејствување. Таквата слобода може да ги направи свои, да им ја изгради личноста без наметнувања и стеги од родителите, оставајќи ги да постапуваат според своето срце и совест. Таквиот подарок е скапоцен. Флора Бенкс ќе ви го докаже тоа.