Објавено на

Рецензија за „Вон жариштето“ на Викторија Јорданоска

Книга која изобилува со незаборавни и впечатливи слики кои остануваат со нас поради нивната живописност. Иако можеби е одраз на едно далечно минато, за миг ги доживеав многу блиски децата и возрасните од приказната, посакувајќи истата никогаш да не заврши. Преку младата Јоланда е претставен гласот на жените и девојчињата за време на војната која ја водат во домовите, решавајќи ги секојдневните проблеми и неправди. Тие истовремено се победници и губитници кои ги чувствуваат последиците од конфликтот, иако во реалноста се секогаш далеку од предниот фронт, односно од военото жариште. Од друга страна се мажите и младите момчиња, како братот на Јоле на кого војната му е во прв план а семејството секогаш во втор.

Ова е приказна за една фамилија раскажана од едно младо,  весело девојче Јоланда, која е испреплетена со психолошки елементи и е одличен избор за секој читател. Приказна во која се испреплетени суровата реалност на војната, храброста, бруталноста, семејните односи и вредности, загубата и љубовта. Роман кој е врвно дело на познатата италијанска авторка Кјара Карминати, со одлична нарација заснована на дневници, сведоштва, извештаи и документи, преку кои во сегашниот свет во кој живееме ни го доловува далечното минато и суровоста на војната.

Викторија Јорданоска