Објавено на

„Ова е приказна која се повторува со векови“ – Марина Стевковска

„Книга за црнците“ е најголемиот и единствен документ за црните луѓе во Северна Америка се до крајот на осумнаесеттиот век. Таа ги содржи имињата и деталите за 3000 црни мажи, жени и деца , кои, откако служеле или живееле во заднината на британските единици за време на Американската војна за независност, испловиле од Њујорк до различни британски колонии.

„Некој ми го знае името“ е приказна за Амината, црна девојка од Бајо, Африка, која е киднапирана и продадена како робинка во Америка во осумнаесеттиот век. Родена како слободна муслиманка, таа завршува врзана на брод претоварен со робови каде е воедно и сведок и жртва на насилства и изживувања од страна на белиот екипаж. Во Америка е продадена на плантажа за индиго каде исто така е жртва на самоволието на белиот газда. Амината е бистра, паметна девојка која знае да чита и пишува, што е реткост за жена во тој период, особено црна. Таа е добар раскажувач, како и нејзиниот татко, и преку нејзината животна приказна, одблиску ја запознаваме судбината на црните робови во Америка. Од моментот кога е киднапирана близу својот дом во Африка, Амината е тепана, силувана, злоставувана, малтретирана на сите можни начини. А сепак, таа никогаш не ја губи надежта дека еден ден ќе се врати дома во родното село. Внатре во душата, таа е секогаш слободна.Авторот на еден многу сликовит и емотивен начин ја раскажува судбината на робовите. Ова е приказна која се повторува со векови, приказна која, нажалост, се случува и денес. Срце ти се кине кога Амината ги опишува малтретирањата на бродот кој плови кон Америка. Душа те боли кога од раце ѝ го земаат првороденото дете за да го продадат. Ова е една длабоко емотивна и потресна историска приказна која е базирана на вистински настани и според неа е снимана и телевизиска серија со наслов „Книга за црнците“.Она што особено ми се допаѓа кај ваквите изданија е токму форматот. Книгата е доволно малечка за да ја собере во секоја чанта или ранец, со доволно голем фонт и широк проред за лесно да се чита. Цели 650 страници прочитани за три дена одење и враќање од работа, во градски автобус. Големо БРАВО за едицијата „Книга Достапна Секому“!