Објавено на

Едноставно впечатлива. Книга што се памети

КОН „УМЕТНОСТА НА ЖИВЕЕЊЕТО“ НА ГОРАН ГЛАВИНАЦ

Едноставно впечатлива. Книга што се памети. Со концизен текст и стил што е близок до секој читател. Само од насловот, од неговата силна метафоричност и асоцијативност може да се насети дека станува збор за непишани правила според кои животот треба да биде вдомен. Нема идеално општество, па оттаму нема ни човек на кој не би му потребале животните вештини опишани во оваа книга. Способноста со која човек се справува со одредени животни препреки во исклучителен временски период, ја дава енергијата за полетност во извршувањето. Ваквата симбиоза на настани го извлекуваат човека од дното во кое сам запаѓа како последица од неадекватното живеење.Книгата е поделена во поглавја, а секое поглавје е дел за себе, но и дел од целината наречена „Уметноста на живеењето“. Поглавјата се надоврзуваат едно на друго, а низ сите нив се чувствува суштината на животната енергија. Мудрите и длабоко експресивни мисли на авторот му овозможуваат на читателот континуирана врска и разговор со себеси. Мислата, како длабоко медитативна фаза во секојдневното човеково живеење, може да создаде свет каков што се посакува: хармоничен, среќен, спокоен или пак „сите ментални процеси кои нѝ предизвикуваат тешкотии и проблеми се поврзани со мислата“. А во такви околности, кога сигурноста на ментално ниво е потребна, се јавува стресот. Најнужна форма за справување со него претставува бегството. Авторот вели: „постои едно бегство што отсекогаш поседувало огромна сила, а тоа е вербата“, притоа истакнувајќи дека не е целта ни идејата со книгата тој да сугерира за или против која било религија, односно дека сѐ што говори авторот во книгата се „факти добиени од перцепција“. Да се пронајде состојбата на просветлување за човека значи соединување со уметноста на живеењето. Па така, соочувајќи се со стравот од бегство или стрес преку вербата и соочувањето со авторитети, тој конечно доаѓа до слободата за да создаде дела чија широчина ја има само слободната мисла. А за тоа е потребна храброст! Да се соочиме со себеси, да се бориме за слобода или ќе бидеме затвореници сите денови од својот живот. И на тој начин доаѓаме до нашата трансформација- со изострено внимание, рационално и трезвено прифаќање на фактите, не колебајќи се при појавата на егоистичните мисли да ги отфрлиме зашто не правиме некому нешто за да докажеме туку реагираме во склад со ситуацијата и случувањата.Книгата „Уметноста на живеењето“ на Горан Главинац претставува спој на длабока мудрост и практични животни лекции изнесени на лесен, разбирлив и читлив стил. Нивната примена во индивидуалните животни процеси треба да се сфати како поттик на креативноста што постои во секој од нас, а нивната мудрост како крајпатни знаци на вечното трагање по себеси!Автор: Лидија Размоска Тримовска

Книгата е во издание на Бата прес