Објавено на Остави коментар

„Книгава дефинитивно ја сместувам во категорија YA, многу е погодна за тинејџери (15-17 години) кои започнуваат со читање.“ – Ана Јаневска

ЕДИНСТВЕНОТО СЕЌАВАЊЕ НА ФЛОРА БЕНКС – ЕМИЛИ БАР

„Ја гледам раката. На неа пишува: ФЛОРА. Биди храбра.“

Флора Бенкс е млада девојка, има 17 години и има болест која што се нарекува АНТЕРОГРАДНА АМНЕЗИЈА. Сѐ што ѝ се случува таа многу брзо го заборава, односно нејзината краткотрајна меморија е оштетена, и таа не се сеќава на ништо по нејзиниот 10ти роденден. Со помош на зборови кои ги пишува по нејзините раце и во нејзиниот бележник, таа одново и одново се спознава себеси и својот живот. Една вечер, на плажата во близина на нејзината куќа, таа ќе го бакне Дрејк. Оттогаш тоа е единственото нешто на коешто таа ќе се сеќава. Но, Дрејк си заминува на Северниот Пол, на Арктикот. Таа е убедена дека Дрејк е единствената личност која ќе ѝ помогне да си го врати сеќавањето, бидејќи се сеќава на него и неговиот бакнеж. Родителите на Флора, по дијагностицирањето на нејзината болест, ја чуваат Флора како капка вода на дланка. Таа постојано заборава, не се сеќава на себеси, и пие лекови два пати дневно. Во нејзиниот град, сите ја знаат и сите ѝ помагаат, иако таа не излегува многу надвор. Нејзината најдобра другарка Пејџ, е единствената другарка во која има доверба и која ѝ помага. Еден ден, братот на Флора, Џејкоб (кој живее во Париз), се разболува, и нејзините родители се приморани да отпатуваат во Франција, и да ја остават Флора сама. Токму тука започнуваат сите нејзини авантури. Предводена од единственото сеќавање – бакнежот на Дрејк, таа ќе тргне во потрага по Дрејк, на Северниот Пол. Дали ќе го пронајде Дрејк? Дали ќе успее сама да се снајде и да отпатува дури до Северниот Пол? Кому може да му верува и како ќе се одржи во живот покрај нејзината амнезија?За книгава, сакам да ви кажам и мое лично мислење и доживување. Книгава дефинитивно ја сместувам во категорија YA, многу е погодна за тинејџери (15-17 години) кои започнуваат со читање. Дејството во книгата е интересно, со тоа што единствена забелешка е тоа што постојано со повторува едно те исто (на пример, писмото на мајка ѝ на Флора во кое е опишано која е таа и таа го чита секогаш кога заборава која е), но ако го ставите настрана фактот тоа што има работи што се повторуваат често (оправдано, бидејќи болеста на Флора е таква), дејството во книгата е доста мистериозно. Има доста заплети, и ве тера да читате што понатаму ќе направи Флора.Во книгата, сите ликови имаат свој ФОНТ. Што мислам под тоа? Сите ликови што ѝ пишуваат писма на Флора си имаат свој ракопис (сите се различни) т.е во случајов си имаат свој фонт. Тој дел навистина МНОГУ ми се допадна. Ликот на Флора е доста интересно прикажан, како таа се мачи со нејзината амнезија, и нејзината желба за снаоѓање преку белешки. Ми се допаѓа што е прикажана во позитивно светло, што не се откажува и што има авантуристички дух. Како за крај, малку да ве заскокоткам. На Флора ѝ велат дека поради тумор во мозокот таа ја добила нејзината болест. Но, дали тоа е вистината или нешто друго се случило што ја предизвикало амнезијата на Флора? Ви оставам на вас да дознаете.🤗

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *