Објавено на Остави коментар

„Одамна немав прочитано ваков внесувачки, интелигентен, интензивен, морничав трилер“ – Славко Бишковски

Препорака за книга – Човек од костени од Сорен Свејструп

Книгава ми беше подарок – изненадување од мајка ми и затоа решив да и дадам шанса иако имам еден куп непрочитани, а воедно и ќе биде книга со која најверојатно ќе ја завршам новата година. Ова е еден доста мрачен криминалистичен трилер кој ме потсетуваше на Девојката со тетоважа на змеј од Стиг Ларсон, разликата е во тоа што Човек од костени ми беше за нијанса повозбудлива и потензична. Па добро, можеби и за неколку нијанси…Во доцните есенски часови, скриен од темнината и дождот, демне еден свиреп убиец на жени со изопачена агенда на ум, систематски и внимателно планира и чека погоден момент за да го изврши убиството, да ампутира дланка и секако, да остави човече од костени како негов злокобен потпис на секое место на злосторството. Тим на детективи и форензичари се обидуваат да му влезат во трага на овој мистериозен сериски убиец и да ја запрат неговата мисија… Толку ќе кажам за содржината, ако некој е заинтересиран слободно ќе сликам задна страница.Книгава започнува прилично бавно, речиси монотоно и првите сто страни искрено ми беа досадни бидејќи се спомнуваат повеќе ликови, има многу детали и описи… Сепак, имаше нешто што ме тераше да читам, нешто што ми го држеше вниманието и ми ја будеше љубопитноста и после стотина страници, дејството конечно силно ме зграпчи и почна да ме движи во еден правец, без запирање, без здив, по една ескалирачка патека од која нема скршнување додека не се открие за што станува збор… Омилени ликови ми беа двајцата детективи Марк Хес и Наја Тулин, кои иако со доста различни карактерни особини и спротиставени природи, сепак наоѓаат начин да соработуваат заедно, да си помагаат, и да најдат заеднички јазик. Апсолутно навивав за нив до самиот крај на книгата и едноставно ме освоија, одлично изградени ликови кои маестрално се воздигнаа пред моите очи и кои долго нема да ги заборавам… Книгава ми легна, одамна немав прочитано ваков внесувачки, интелигентен, интензивен, морничав трилер. Има доста вознемирувачки и насилни сцени, особено крајот кој ми беше експлозивен, брутален и крвав, а има и малтретирање и злоставување на деца, како тоа влијае психички и е доста тешко за читање бидејќи е една од поглавните теми во романот. Има повеќе перспективи од вистинска палета на ликови, се со цел да се прикажат болката, стравот, тагата, анксиозноста, надежта, омразата и желбата за одмазда и колку таа може да биде вкоренета во еден човек, да го тера да продолжи напред, да се измени… Ме држеше во целосна неизвесност, интересот и фокусот ми беа на највиско можно ниво, вешто е доловена полициската процедура, како и многубројните детали кои имаат за цел да инсинуираат кон некои работи, ако добро ги забележиш. Ми се допадна што авторот не ги нуди сите објаснувања и мотиви на тацна тука остава на читателот да поврзе некои работи сам и да се навраќа низ поединечни сцени за да разбере подобро. Како прва книга на Свејструп можам слободно да кажам дека е прекрасно и концизно осмислена, нештата имаат смисла кога ќе се навратиш на нив, вознемирувачка е, има неверојатно добра психолошка основа, неодоливи и одбивни ликови и една длабока и целосно хипнотизирачка мистерија која ќе ве натера да ги вртите страните за да дознаете што по ѓаволите се случува. И да, секако, после книгава нема да погледнете костен на ист начин…Ви ја препорачувам од срце, особено за љубителите на скандинавски крими-трилер и добра мистерија и очекувам ваши мислења и впечатоци.П. С. сликава не е моја, од интернет и, и видов дека се снима серија според книгава која ќе ја има на Нетфликс па едвај ја чекам!!!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *