Објавено на Остави коментар

Книгата што ја одбележа втората половина на 2020-та година

По 10 дена гласање на www.kniganagodinata.mk, на 21-ви ноември официјално заврши гласањето и македонските читатели ги избраа своите омилени книги за 2020 година. Изборот се правеше во повеќе категории, а нашата Билјана Мартиновска со нејзината книга „Куќата со жолта фасада“ доби трето место во категоријата „Домашни автори“ со 195 гласови. Второ место доби „Сопругата на детективот“ од Мирјана Проданова (252 гласови) од издавачка куќа „Сакам книги“, додека првото место го доби „Тајната на Алексови“ од Наде Стојиљковиќ (413 гласови) исто така објавена од „Сакам книги“. Упатуваме искрени честитки за Наде и Мирјана! Му честитаме и на Денис Бојаров за изборот на „Нека играат децата“ во најпопуларните пет книги за 2020 година! Денис помогна многу на останатите писатели да ги добијат своите места на листата.

Она што нè прави особено среќни е што се поминати нешто повеќе од три месеци, а ние веќе направивме две мини промоции во Струга и Охрид веднаш по објавувањето и една главна промоција на саемот на книгата во Скопје. Сите три промоции поминаа одлично, но не може да не се издвои промоцијата во Скопје, којашто имаше феноменална посетеност, веројатно најпосетен настан на саемот на книгата во Скопје и покрај непредвидливата пандемија и за време на промоцијата исклучително топлото време. Но, сепак такви се околностите, па најбезбедно беше да се прави промоција надвор, макар и по цена на жешкото сонце.

Досега се продадени околу 500 книги, што е извонреден успех за три месеци во овие чудни времиња. Дури и да не беше пандемијата ова се бројки, повеќе од успешни.

Така што, со гордост можеме да кажеме дека „Куќата со жолта фасада“ дефинитивно ја одбележа втората половина на 2020 година и е апсолутен хит во последните три месеци. Не се сомневаме дека трендот на пораст на читатели на македонски автори ќе ја продолжи побарувачката за книгите на Билјана Мартиновска, која се покажа како неуморна писателка што буквално ја предава целата енергија на своите фанови.

Во оваа прилика би сакале да најавиме дека на почетокот на 2021 година ќе ја објавиме и нејзината прва книга „Точка на враќање“, книга што претходно доживеа две изданија.

Бидете здрави и живи и Ви благодариме на поддршката.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *