Објавено на Остави коментар

Ереб е вид интелигентна, виртуелна, но тајна игра, која се одразува во реалноста и станува дел од неа…

Играат ли вашите деца игри на компјутер? Какви игри играат? Дали сметате дека видеоигрите што ги играат нашите деца и адолесценти имаат негативно и лошо влијание и колку се штетни за менталното и душевното здравје? Дали игрите влијаат врз нивното однесување и градење на нивниот карактер?„Ереб“ од Урсула Познански е роман за млади луѓе, роман што треба да го прочитаат сите родители за да видат во колку опасен виртуелен свет живеат нашите деца. Но и сите тинејџери за да видат дека виртуелното не е реално. Имено, Ереб е вид интелигентна, виртуелна, но тајна игра, која се одразува во реалноста и станува дел од неа, затоа што играта на секој играч му дава индивидуални упатства и задачи за постапување, кои треба да ги исполни во вистинскиот свет. Ова е игра што те набљудува и разговара со тебе, те проверува дали ја зборуваш вистината, те наградува, те казнува, те предупредува, ти се заканува итн. Правилата на оваа компјутерска игра се тоа што мораш да ја играш сам, да не зборуваш со другите во врска со играта и да не си го кажеш прекарот (nickname) во играта. Истовремено, мораш да си го кажеш и вистинското име, за да можеш да се регистрираш во играта и да продолжиш со играње, иако Ереб веќе знае како се викаш, па затоа обидите за лажни имиња ти се залудни. Имаш право само еднаш да ја играш играта.Оваа опасна игра почнува да се шири низ целото училиште на шеснаесетгодишниот Ник. Нему не му е јасно зошто секој ден има сè помалку соученици во неговиот клас. Забележува дека школските другари му исчезнуваат и дека останатите стануваат сè помистериозни. Наскоро играта доаѓа и во неговите раце, па се прашува дали можеби тоа го објаснува таинственото однесување на неговите другари? Тој започнува со играта, но за многу кратко време се опседнува со неа и станува зависен, затоа што играта ти дозволува сам да го креираш ликот на својот играч, така што ти сам избираш раса, пол, надворешен изглед, карактеристики, способности и занимање на својот лик. Ти ја дава сета онаа слобода што ја немаш во реалноста или од раѓање. А истовремено твојата слобода во креирањето на својот сопствен лик се вклопува со целата општа слика на ликовите што ја играат играта и ти стануваш дел од таа, навидум одлична, комуна. Ник ја игра оваа интересна игра сè до моментот кога Ереб му дава наредба да изврши смртоносна задача. Тој не ја извршува и е исфрлен од играта.Кој е Ереб и која му е целта? Што се случува кога ќе те исфрли од играта или кога ќе умре ликот што си го одбрал за играње?Изданието е на Бата прес. Ова е навистина уникатен и возбудлив трилер. Книгава има добиено награда „Трилер на годината“. Играта можеби е виртуелна, но последиците се многу реални. Не дозволувајте игрите да го креираат карактерот на вашите деца. Топла препорака од мене.

Рецензија на писателот Денис Бојаров за книгата „Ереб“ од Урсула Познански

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *