Објавено на Остави коментар

Приказна која го држи вниманието до самиот крај

Книгава е купена на овогодинешниот саем на книги и е дело на исландската авторка Лилја Сигурдардотир. Не, не е Ирса, и не, не се роднини. Ама и Лилја пишува крими-романи. „Стапица“ е дел од трилогија и се надевам дека наскоро ќе ги преведат и другите два дела.Главен лик е Соња, млада мајка која по разводот мора да се откаже од синот заради немање финансиски средства да го издржува. После еден дискретен предлог на адвокатот кој ја застапува во бракоразводната парница, таа станува „мазга“. Пренесува дрога преку граница. Свесна во што се впуштила, се обидува да излезе од вртлогот, но оние кои ги влечат конците едноставно не ја пуштаат од своите канџи. Соња станува жртва на насилство, на уцени, на закани, а не успева да му избега ни на искусниот цариник. Браги е пред пензија, и сака да поминува повеќе време со својата болна сопруга, но неговото искусно око едноставно знае кога некој патник на аеродромот нешто мати и тој нема да замине во пензија додека не го реши тоа. Соња се обидува да излезе од мрежата во која се нашла, а работите ги комплицира и Агла, жената со која таа се впушта во врска по разводот, а таа е гонета од финансиската полиција за проневера на пари во банка.Ова е роман кој брзо се чита, и иако го предвидов главниот негативец (можеби затоа што многу читам трилери), сепак е приказна која држи внимание до самиот крај. Ми се допадна тоа што има малку ликови и имињата лесно се памтат. Тоа е редок случај кај скандинавските романи.Она што особено ми се допадна е форматот на самата книга. Доволно малечка за да ја собере во секоја чанта или ранец, со доволно голем фонт и широк проред за лесно да се чита. Не е класично џебно издание. Идеална за некој како мене што чита во автобус. Едно големо БРАВО за едицијата „Книга Достапна Секому“!

Марина Стевковска

Рецензија објавена на фејсбук групата „Размена на книги“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *