Објавено на Остави коментар

Приказната на Флора е навистина освежувачка, трогателна, охрабрувачка и емотивна, и расфрлана со трошка надеж

Ако имате дете тинејџер или сакате да подарите книга на некој(а) тинејџер(ка), „Единственото сеќавање на Флора Бенкс“ од Емили Бар веројатно би била идеалната книга. Ако сте родител на тинејџер што преживува тешкотии поради вашите стравови да не му се случи нешто, веројатно оваа приказна би ви помогнала да ја сфатите и другата страна.

Оригинална приказна во која главна улога игра една седумнаесетгодишна тинејџерка по име Флора, која има антероградна амнезија, и за два-три часа, а понекогаш и за еден час, заборава што ѝ се случило.

Флора иако има живописни спомени од своето детство, поточно до својата десетта година, се чини дека сега единственото сеќавање на оваа седумнаесетгодишна девојка е тоа што го бакнува момчето на нејзината најдобра другарка. Таа живее сега и тука, во овој миг кој трае еден или два часа, запишувајќи белешки на своите раце за да се потсети на важните работи што ги доживеала од претходно. Нејзиниот живот започнува одново и одново. Таа собира храброст и почнува да се открива себеси во вистинска смисла на зборот, а потоа сфаќа и за што сè е способна.

Флора Бенкс е можеби еден од најуникатните ликови за кои имам читано годинава. Многу ми се допадна како авторката и нејзиниот стил на пишување го рефлектира нејзиното губење на меморијата секогаш сумирајќи што се случило во претходните поглавја. Ми се допадна тоа што сеќавањата на Флора можеа да бидат и лажни, па честопати ме тераше да се сомневам во она што навистина се случува, односно реалноста. Авторката Емили Бар буквално ме внесе во светот на Флора и нејзините мисли, и во најголем дел од книгата јас ја доживеав нејзината судбина, чувствувајќи ја како своја и сочувствувајќи со неа.

Кога го бакна Дрејк, момчето на нејзината најдобра другарка Пејџ, мислев дека приказната ќе се одвива нешто во стил дека „љубовта ќе ја излечи од болеста“, затоа што по малку стануваше заморно да се сведе фокусот на тоа, но понатаму ја сфатив неопходноста од тие спомнувања и многу ми е драго што приказната доби нова насока.

Ми се допаднаа и деталните описи во книгата. Се чувствував како и јас да сум на Северниот пол заедно со неа во оваа нејзина авантура, и за момент ми застуди во овој наш топол крај. Ми се допадна и како луѓето со текот на времето ѝ стануваа пријатели откако ќе ја запознаеја и ќе ја дознаеја причината зошто дошла во таа студена држава. Нејзиниот брат Џејкоб за мене е клучниот лик во оваа фабула, заедно со најдобрата другарка на Флора.

Приказната на Флора е навистина освежувачка, трогателна, охрабрувачка и емотивна, и расфрлана со трошка надеж. Ова е книга што ќе ви покаже дека понекогаш оние што нè сакаат најмногу во животот, се оние што ни ги сечат крилјата, чувајќи нè во стаклено ѕвоно и водејќи се од нивниот страв за повторно да не ни се случи нешто лошо во животот.

Дефинитивно ја препорачувам на секој тинејџер, но и на секој родител, затоа што книгата носи уникатна и ПОУЧНА приказна. Издание е на Бата прес.

Рецензија на Денис Бојаров

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *