Објавено на Остави коментар

Рецензија на писателот Денис Бојаров за книгата „Куќата со жолта фасада“ од Билјана Мартиновска

Кога влегувате во нова куќа, сѐ ви се чини ново. Нова приказна, нова љубов, нови спомени, ново засолниште… Нов живот. Колку подолго престојувате во неа, толку повеќе се приврзувате за неа. Таа од допадлива и убава станува дел од вас, од вашето срце, од вашите спомени и тешко ви паѓа доколку сте принудени да се преселите од неа, особено ако сте ја наполниле со многу радост.

Животна приказна на една жена по име Ева, која започнува непосредно пред нејзиниот осумнаесетти роденден. Таа патува на одмор во Турција со нејзините родители и тука ја запознава љубовта на својот живот. Љубов која секогаш и засекогаш ќе ја носи со и во себе, без оглед на околностите и кармата.

Приказната е составена од два дела. Првиот е убавиот период од животот на главниот протагонист, проследено со многу романтични мигови, а вториот е малку подраматичен, но поучен и полн со пораки упатени до читателот. Приказната иако се однесува на Ева, таа е раскажана низ призмата на три лика: Ева, Виктор и Уна. Останатите ликови се тука за да покажат кои ни се вистински и вечни пријатели, а кои само моментални или периодични. И, секако, да ѝ ги отворат очите на наивната Ева.

„Куќата со жолта фасада“ е дом на секоја силна, храбра и вљубена жена. На секоја мајка, која каде и да живее, домот ѝ е онаму каде што е нејзиното срце.
Домот е љубов, домот е куќа со жолта фасада. Каде ти е љубовта, таму ти е домот. Влезете во куќата и засолнете ја вашата љубов кон вашето семејство, особено љубовта кон вашите деца.

Книгата е во издание на Бата прес.

од авторот на „Нека играат децата“ – Денис Бојаров




Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *