Објавено на Остави коментар

Рецензија на Марина Кљајић за книгата „Куќата со жолта фасада“ од Билјана Мартиновска

Најпрво, една негативна забелешка за книгава која ја држам во раце : недостасува посвета и потпис од писателката, што се надевам во блиска иднина ќе се промени.🤗🤗🤗

Останатото е чиста десетка!
Чест ми е и задоволство што е дел од мојата домашна библиотека.
Не само затоа што е дело на прекрасна личност, извонредна жена, инспиративна писателка, не само поради поддршката #читамемакедонскиавтори, туку и поради тежината на нејзините зборови и пораката која со неа ја носи 💛

… Случајни средби… Животот постојано ни е исполнет со такви , неочекувани, навидум наивни, ненамерни, кои сепак имаат судбоносна улога во нашите животи.
Една таква средба е причината за приказната во книгава, која ја заслужува сета читателска почит и го задржува вниманието, не само поради нејзиниот неодолив тек туку и поради шармантниот стил на раскажување на писателката. Патувањето низ животниот тек на главните ликови е толку живо и сликовито опишано, што буди безмалку симфонија на емоции кај читателот.
И на крај, секој ќе се запраша – дали станува збор за вистинска приказна, за веднаш потоа да помисли на сите реални приказни од секојдневието со кои се поистоветува оваа од книгата.
Љубовна приказна , навидум е темата која преовладува низ страниците на ова дело, но всушност станува збор за нешто многу повеќе од тоа, за нешто подлабоко, за нешто посуштинско – за животот со сите свои благодети и проклетства, со сите подеми и падови, со сите радости и јадови, насмевки и болки, со сите вистини и маски
..
Колку ли вредат сите наши “утриња” кои ги планираме?
Колку ли може да останеме свои и доследни на своето кога ќе нѐ обземе љубовта?
Колку можеме да зачуваме од себе кога сето свое битие сме го дале некому?
Може ли да продолжиме понатаму после тоа?
Грев ли е ако ги ставиме своите човечки болки повисоко од нашата улога како родител?
Ги познаваме ли вистински нашите долгогодишни пријатели?
Колку ли може да собира и претрпува душата за на крај да нѐ предаде?- прашања кои читајќи се нижат сами и одговори кои спонтано доаѓаат…
И уште едно, најзначајно од сите – знаеме ли кој живее до нас, и што се крие позади куќната фасада во соседската куќа?
Во книгава, дефинитивно ќе дознаете за онаа “куќа со жолта фасада”, колку годините натежнале на неа и колку тајни и судбини може да живеат позади куќниот праг.

Ти честитам уште еднаш драга моја Билјана, што уште еднаш доживеа момент во кој “го имаш својот сон во раце” и ти благодарам што како читател имав можност да ја “посетам” Куќата со жолта фасада.
Допрена сум од судбините за кои пишуваш, а “тајната” што ја крие оваа куќа, ми го стопли срцето.
После сѐ, љубовта, надежта и човечноста е сѐ што на овој свет ни е потребно.

Наздравувам за “случајните средби”, особено за една таква која ме спои со тебе, и не ни сакам да помислам како би било ако беше некоја поинаква случајност 🤗

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *