Објавено на Остави коментар

Рецензија од писателката Билјана Мартиновска за книгата „Некој ми го знае името“, објавена во групата „Размена на книги“

Неверојатна и длабоко инспиративна приказна базирана на вистинити настани и ликови, кои остануваат во срцето и мислите долго откако ќе ја затворите книгата. Амината Диало е откината од родната грутка на само единаесет години, додека пред нејзините очи безмилосно се убиени нејзините родители. Таа не е свесна за хаосот околу неа додека болка и` го раскинува срцето поради загубата на двете најзначајни личности во нејзиниот живот. На бродот со робови, таа ги вклучува сите свои сетила и лекциите од нејзиниот татко, кои и` се врежани во потсвеста, свесно ги применува, не дозволувајќи му на паметот да ја изневери. Таа знае дека мора да е потполно будна за да преживее. Потполно свесна за да се избори за себе. „Не плаши се од ниеден човек. Само запознај го.“ Мудростите на кои ја учеше нејзиниот татко ја водат низ пеколот, а пеколот е насекаде, на која страна и да се заврти на бродот. Таа е неверојатно храбра и исклучително паметна девојка, а тоа е нејзиното најсилно оружје во битката со киднаперите. Таа не пристапува со емоции на ниту една работа, туку со ум и со тактика. Се` што има научено во нејзините малку години од живот, со интелигенција го применува и успева да застане цврсто на своите нозе и да не потклекне и при најтешките удари на судбината.Таа ја раскажува својата животна приказна во прво лице, со сите нејзини темни страни, кои ја направиле она што е, со сите нејзини болки и стравови низ загубите кои таа ги поднесува. Додека читате целото тело ви се згрчува од болката која се провлекува низ зборовите. Насмевка ви измамуваат ретките мигови на среќа кои младешкото срце ги доживува, а душата ви тагува заедно со главната хероина и солзи ви капат низ очите кога нејзината душа крвари низ зборовите напишани.Преку Океанот, низ немилосрдните робовладетелски имоти и „валканите“ раце на богатите земјопоседници во Чарлстон, Бирчтаун, Шелбурн и Јужна Каролина, па назад до Африка и потрагата по старите огништа, Амината прераснува во една млада жена со силен интелект и борец за правата на сите како неа, на кои им е одземено основното човеково право-слободата. И покрај се`, и после се`, во неа место за омраза и освета не постои. Таа само знае што сака и како да дојде до тоа што го сака, за остатокот од животот да го проживее во спокојство и мир, покрај најмилото нешто на срцето.„Ако го минував моето време во омраза, моите емоции ќе беа одамна потрошени и јас немаше да бидам ништо повеќе од една празна школка“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *