Објавено на Остави коментар

Книгата за млади „Хотел со големо Л“ од Шурд Кајпер објавена на македонски

Издавачката куќа „Бата прес“ ја објави книгата за млади „Хотел со големо Л“ од холандскиот писател Шурд Кајпер.

Делото од холандски на македонски јазик го преведе Ели Пујовска и е дел од едицијата „Време е за книга“, поддржана од Европската унија и Министерството за култура во рамките на проектот „Креативна Европа“.

– Кос е тринаесетгодишно момче, што ги раскажува највозбудливите детали од неговиот живот. Неговата мајка починала пред неколку години, а неговиот татко има срцев удар во истиот момент кога Кос го постигнува победничкиот гол на турнирот, пред очите на менаџерот на познатиот фудбалски клуб „Ајакс“.

Додека татко му на Кос е во болница, изгледа дека нивниот хотел ќе биде во голем хаос. Но, Кос и неговите три сестри немаат намера да дозволат тоа да се случи! Сите четворица заедно ќе почнат да го раководат хотелот. Сето тоа води кон чудни и апсурдни случки. Всушност се покажува дека нивниот татко имал длабоки финансиски проблеми и дека хотелот е пред затворање.

Но, борбата да се спаси хотелот е само ехо на главниот настан. Во овие драматични денови, Кос ја доживува својата прва љубов… – се вели во краткото претставување на содржината на кинигата.

За оваа книга која до 2019 година беше преведена на 15 јазици, книжевните критичари забележуваат дека има нов пристап и дека во заднината на доживувањата на главниот јунак се пораките за слобода и еднаквост, како и пораките против расизмот и за заштита на човековите права.

Шурд Кајпер е роден во 1952 година во Амстердам. Тој е еден од најзначајните холандски писатели. Пишува поезија, проза, книги за деца и млади, театарски претстави, телевизиски серии, филмски сценарија и музички текстови. За своето творештво наградуван е многупати, а во 2014 го доби највисокото признание Почесен орден за неговите заслуги во холандската литература, дома и во странство.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *