Објавено на Остави коментар

„Бата прес“ ja објави современата илустрирана бајка „Волшебницата од долниот кат“ од Марчин Шчигелски

Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик се објави современата илустрирана бајка „Волшебницата од долниот кат“ од Марчин Шчигелски, од полскиот издавач „Бајка“. Автор на бројните илустрации е Магда Вошик, а делото од полски го преведе Звонко Димовски. Објавувањето на книгата е поддржано од Европската унија и Министерството за култура, во рамките на проектот „Креативна Европа“.
„Станува збор за прекрасна, возбудлива, современа бајка за деца и тинејџери, која ‒ од урбаниот свет на современа технологија ‒ нè враќа низ времето и нè воведува во секојдневие без телевизија, компјутери, паметни телефони…
Што може да се прави во градот кога со денови врне дожд? Се разбира: да се јаде пица и да се гледа телевизија и да се кажуваат дијалозите од омилените ТВ серии…
Ама некогаш животот бара нешто друго. Еден ден, Маја која живееше во град ‒ наместо на летување во странство ‒ мора да отпатува на распуст кај прабабата, на село. Каков малер… Бабуле, живее во сива зграда, има црно-бел телевизор без далечинско, старински кауч што чкрипи… се слушаат некои таинствени гласови и звуци на таванот. Ех, кога барем би можело да поразговара со мачорот… Или макар со некоја верверица. А тука е прастарата баба, нејзините гоблени и изабените стари шолји за чај. Тука е и богатата градина и Лажливите Лилии“, се вели меѓу другото во соопштението на издавачот
Марчин Шчигелски е еден од најпопуларните современи полски писатели за деца и возрасни. Добитник е на голем број награди за детска книжевност. Неговите книги најмногу се објавуваат и во Германија и Украина. Шчигелски пишува динамични и возбудливи детски романи полни со акција, збогатени со сјајна смисла за хумор и фантастични, разиграни и изненадувачки пресврти.
Авторката на илустрациите Магда Вошик е доцент на Одделот за графички дизајн на Академијата за ликовни уметности во Вроцлав. Била илустратор, дизајнер и уредник во дневни весници, а соработува и со издавачки куќи и списанија за деца.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *