Објавено на Остави коментар

Дружба и потпишување книги со Билјана Мартиновска, авторката на „Куќата со жолта фасада“

Драги читатели и пријатели. Ве покануваме на дружба со авторката Билјана Мартиновска во сабота на 15 август во 19:00 во книжарница „Клио“ во струшката чаршија. Настанот ќе биде одржан на отворено пред книжарницата „Клио“. Ќе имате можност да се сретнете со нашата драга авторка Билјана и да купите книга со посвета и потпис. Сите оние што претходно имаа нарачано или купено книга, а ќе бидат присутни на настанот, секако ќе имаат можност да добијат посвета. Поради ситуацијата со корона вирусот, Ве замолуваме задолжително да носите маски и да држите дистанца. Сите читатели од други градови, што нема да бидат во можност да присуствуваат на настанот, ќе можат да нарачаат книги до сабота и доколку сакаат да добијат посвета треба да нѐ информираат во пораки, на Viber, Whatsapp или да се јават на телефонскиот број 076 636 082.

Објавено на Остави коментар

Книгата „Неверство“ од Дејан Трајкоски на бугарски јазик

Наскоро во издание на реномираната издавачка куќа „Парадокс“ од Бугарија ќе биде објавена книгата „Неверство“ од Дејан Трајкоски. Книгата од македонски на бугарски ја преведе професорот Божидар Манов. Божидар Манов е легендарен бугарски филмски критичар и преведувач на книгите од Лидија Димковска, Гоце Смилевски и Декан на Факултетот за филмска драматургија при Националната академија за драмски и филмски уметности во Софија.

Изјавуваме голема благодарност до професорот Манов кој ја иницираше идејата книгата „Неверство“ да се објави на бугарски јазик, а исто така сме неизмрено благодарни и на главниот уредник Милен Милев и целиот тим на издавачката куќа „Парадокс“. Преводот на делото е поддржан од Министерство за Култура.

Бугарија е шестата земја во која ги продадовме правата за „Неверство“. Претходно книгата се објави во САД, Србија, Ерменија, Албанија и наскоро го очекуваме изданието во Египет на арапски јазик.

Објавено на Остави коментар

Рецензија на Марина Кљајић за книгата „Куќата со жолта фасада“ од Билјана Мартиновска

Најпрво, една негативна забелешка за книгава која ја држам во раце : недостасува посвета и потпис од писателката, што се надевам во блиска иднина ќе се промени.🤗🤗🤗

Останатото е чиста десетка!
Чест ми е и задоволство што е дел од мојата домашна библиотека.
Не само затоа што е дело на прекрасна личност, извонредна жена, инспиративна писателка, не само поради поддршката #читамемакедонскиавтори, туку и поради тежината на нејзините зборови и пораката која со неа ја носи 💛

… Случајни средби… Животот постојано ни е исполнет со такви , неочекувани, навидум наивни, ненамерни, кои сепак имаат судбоносна улога во нашите животи.
Една таква средба е причината за приказната во книгава, која ја заслужува сета читателска почит и го задржува вниманието, не само поради нејзиниот неодолив тек туку и поради шармантниот стил на раскажување на писателката. Патувањето низ животниот тек на главните ликови е толку живо и сликовито опишано, што буди безмалку симфонија на емоции кај читателот.
И на крај, секој ќе се запраша – дали станува збор за вистинска приказна, за веднаш потоа да помисли на сите реални приказни од секојдневието со кои се поистоветува оваа од книгата.
Љубовна приказна , навидум е темата која преовладува низ страниците на ова дело, но всушност станува збор за нешто многу повеќе од тоа, за нешто подлабоко, за нешто посуштинско – за животот со сите свои благодети и проклетства, со сите подеми и падови, со сите радости и јадови, насмевки и болки, со сите вистини и маски
..
Колку ли вредат сите наши “утриња” кои ги планираме?
Колку ли може да останеме свои и доследни на своето кога ќе нѐ обземе љубовта?
Колку можеме да зачуваме од себе кога сето свое битие сме го дале некому?
Може ли да продолжиме понатаму после тоа?
Грев ли е ако ги ставиме своите човечки болки повисоко од нашата улога како родител?
Ги познаваме ли вистински нашите долгогодишни пријатели?
Колку ли може да собира и претрпува душата за на крај да нѐ предаде?- прашања кои читајќи се нижат сами и одговори кои спонтано доаѓаат…
И уште едно, најзначајно од сите – знаеме ли кој живее до нас, и што се крие позади куќната фасада во соседската куќа?
Во книгава, дефинитивно ќе дознаете за онаа “куќа со жолта фасада”, колку годините натежнале на неа и колку тајни и судбини може да живеат позади куќниот праг.

Ти честитам уште еднаш драга моја Билјана, што уште еднаш доживеа момент во кој “го имаш својот сон во раце” и ти благодарам што како читател имав можност да ја “посетам” Куќата со жолта фасада.
Допрена сум од судбините за кои пишуваш, а “тајната” што ја крие оваа куќа, ми го стопли срцето.
После сѐ, љубовта, надежта и човечноста е сѐ што на овој свет ни е потребно.

Наздравувам за “случајните средби”, особено за една таква која ме спои со тебе, и не ни сакам да помислам како би било ако беше некоја поинаква случајност 🤗

Објавено на Остави коментар

Објавена книгата „Мечтите на хирургот“ од Ѓорѓе Зафироски

„Мечтите на хирургот“ од Ѓорѓе Зафироски, во издание на издавачката куќа „Бата прес“, содржи 213 страници со 33 поглавја и 35 слики. Тоа е петта негова книга во низа во едицијата за медицинска литература. Во книгата е опишан животниот пат на авторот.

Во книгата ќе најдете пораки и препораки како преку раните симптоми на болестите да дојдете до оздравување. За да постигне успех во животот преку мечтите, макотрпната работа, амбициите и вечниот нагон кон патувањата за стекнување нови сознанија допрел до врвот на достигнувањата во сопствената струка. Авторот е универзитетски професор по ортопедска хирургија, онкологија и трауматологија. Работел во медицинскиот центар во Гостивар и на Ортопедската клиника во Скопје, а по пензионирањето активно работи во приватни болници.

– Патот по кој тргнал биле писмото, науката и светлината. Во книгата ќе откриете тајни како болестите ви ја кршат душата, но благодарејќи на вербата и надежта со љубов може да се оживее сѐ во нас, па дури да се оживеат вековите, нашите предци во сеќавањата и да се запишат како трајни спомени. Практичното искуство на авторот може да ви биде од непроценлива вредност. Тоа е интересно четиво за еден скромен човек, врвен стручњак во македонската медицина, познат и признаен во светот.

Рецензентите топло ви ја препорачуваат книгата „Мечтите на хирургот“ – се вели во предговорот.

Објавено на Остави коментар

„Стапица“ од Лилја Сигурдардотир во претпродажба

Промотивна понуда за нашите најверни читатели. Од денес до недела можете да ја резервирате вашата нарачка по цена од 199 денари во пораки или на нашата веб страница: https://batapress.mk/product/%d1%81%d1%82%d0%b0%d0%bf%d0%b8%d1%86%d0%b0/Регуларната цена на книгата ќе биде 299 денари.

https://www.youtube.com/watch?v=28Iuidj7Moo
Објавено на Остави коментар

Нова акција!

Од денес до недела 5 наслови се на попуст. Доколку нарачате 3 наслови од понудените 5, се пресметува дополнителен попуст: 3 книги за 499 денари! 🛒Нарачки: https://batapress.mk/☎️ 076 636 082

Објавено на Остави коментар

Фејсбук наградна игра!

Со цел да ја зголемиме нашата листа на пријавени за бесплатен билтен, организиравме наградна игра, на која потенцијалните добитници треба да ја споделат објавата и да се пријават на нашата листа за бесплатниот билтен што ги испраќаме до нашите читатели, да ги информираме за попусти, наградни игри, промоции, нови книги и слични содржини.

Линк од објавата:

Наградна игра! 🎁Сподели, внеси ја твојата имејл адреса на следниот линк https://batapress.mk/newsletter/ и стани…

Gepostet von Бата прес am Montag, 6. Juli 2020

Среќниот добитник ќе биде објавен на 12.07 недела.

Им посакуваме среќа на сите учесници и следете ги нашите фан страници и очекувајте мејлови со информативни содржини.

Објавено на Остави коментар

Сатиричниот роман „Теодосиј Малиот“ на Радулеску – на македонски

„Теодосиј Малиот“ е наслов на новата книга на познатиот романски писател и
сценарист Разван Радулеску преведена на македонски, а во издание на “Бата прес“.

Ова обемно сатирично дело ја доби престижната Европската награда за литература. Од романски на македонски јазик го преведе Димо Н. Димчев (Дина Кувата), а неговото
објавување во рамките на проектот „Креативна Европа“ е поддржано од Европската унија и Министерството за култура.

“Тотална сатира. Ликовите се како во научно-фантастичните филмови. Има големи случувања ‒ предавства, шпионирање, војна, револуција, љубов ‒ и сето тоа меѓу ситни суштества… мравки, риби, мачкокуче, змеј. Така е најдобро и да се чита и разбере. Како филмска сторија“ – е дел од коментарите во романските книжевни списанија.

Разван Радулеску (1969) е еден од најценетите и најпопуларни романски писатели и сценаристи од средната генерација, кој многу придонел за развојот на постреволуционерната романска кинематографија.

“Објавил два извонредно прифатени романи: „Животот и делото на Елија Казан“ (во 1997 година ја доби наградата на Друштвото на романските писатели за најдобар дебитантски роман), а „Теодосиј Малиот“ ја доби наградата на Европската унија за книжевност во 2010 година, соопшти „Бата прес“.

Објавено на Остави коментар

Објавена книгата за деца „Слаткарницата на кривогледиот Џим“

Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик е објавена книгата за деца „Слаткарницата на кривогледиот Џим“ од чешкиот писател Марек Томан. Делото од чешки го преведе Мирјана Наумовски (Мими Наум), а неговото објавување во рамките на проектот „Креативна Европа“ е поддржано од Европската Унија, македонското и чешкото министерство за култура.

Дејствието се одвива во Америка, на Дивиот Запад. Во слаткарницата на кривогледиот Џим служат свежо кафе, торти и јајца. Но таму се стекнуваат и книжевни и читателски навики. Откако во градот пристигна библиотекарката Боженка, таа отвори библиотека дури и во затворот и животот го направи поподнослив за најтешките криминалци. Срцата на негативците се насочија кон групните читања и претставувања на литературни дела од Шекспир, Карл Мај, Достоевски, Александар Дима… Дури и нивните вкусови почнаа да се менуваат. Како и да е, оваа хармонија ја наруши Данте Ласицата Шекспир, најголемиот литературен гангстер на сите времиња. Тој ги краде сите книжевни текстови. Заедничката борба со дружината книгољупци завршува со победа на згодната чешка библиотекарка. Култивираниот дух на нивните литературни средби го облагороди градот. Авторот Марек Томан маестрално ги ткае пародиите и фразите, обрнувајќи внимание на квалитетната и на другата светска литература, бидејќи тие имаат сила кај децата и младите да предизвикаат љубов кон книгата.

Марек Томан (1967) е чешки прозаист, поет и преведувач. Студирал филозофија на Карловиот универзитет во Прага. Бил уметнички директор во радио, а од 1997 година работи во чешкото Министерство за надворешни работи. Десет години бил дипломат во Естонија и Унгарија.
Негови дела се преведени на англиски, фински, унгарски, српски и други јазици. На македонски јазик му е објавен и романот „Пофалба на опортунизмот“ („Бата прес“, Скопје, 2019)

Објавено на Остави коментар

Рецензија од писателката Билјана Мартиновска за книгата „Некој ми го знае името“, објавена во групата „Размена на книги“

Неверојатна и длабоко инспиративна приказна базирана на вистинити настани и ликови, кои остануваат во срцето и мислите долго откако ќе ја затворите книгата. Амината Диало е откината од родната грутка на само единаесет години, додека пред нејзините очи безмилосно се убиени нејзините родители. Таа не е свесна за хаосот околу неа додека болка и` го раскинува срцето поради загубата на двете најзначајни личности во нејзиниот живот. На бродот со робови, таа ги вклучува сите свои сетила и лекциите од нејзиниот татко, кои и` се врежани во потсвеста, свесно ги применува, не дозволувајќи му на паметот да ја изневери. Таа знае дека мора да е потполно будна за да преживее. Потполно свесна за да се избори за себе. „Не плаши се од ниеден човек. Само запознај го.“ Мудростите на кои ја учеше нејзиниот татко ја водат низ пеколот, а пеколот е насекаде, на која страна и да се заврти на бродот. Таа е неверојатно храбра и исклучително паметна девојка, а тоа е нејзиното најсилно оружје во битката со киднаперите. Таа не пристапува со емоции на ниту една работа, туку со ум и со тактика. Се` што има научено во нејзините малку години од живот, со интелигенција го применува и успева да застане цврсто на своите нозе и да не потклекне и при најтешките удари на судбината.Таа ја раскажува својата животна приказна во прво лице, со сите нејзини темни страни, кои ја направиле она што е, со сите нејзини болки и стравови низ загубите кои таа ги поднесува. Додека читате целото тело ви се згрчува од болката која се провлекува низ зборовите. Насмевка ви измамуваат ретките мигови на среќа кои младешкото срце ги доживува, а душата ви тагува заедно со главната хероина и солзи ви капат низ очите кога нејзината душа крвари низ зборовите напишани.Преку Океанот, низ немилосрдните робовладетелски имоти и „валканите“ раце на богатите земјопоседници во Чарлстон, Бирчтаун, Шелбурн и Јужна Каролина, па назад до Африка и потрагата по старите огништа, Амината прераснува во една млада жена со силен интелект и борец за правата на сите како неа, на кои им е одземено основното човеково право-слободата. И покрај се`, и после се`, во неа место за омраза и освета не постои. Таа само знае што сака и како да дојде до тоа што го сака, за остатокот од животот да го проживее во спокојство и мир, покрај најмилото нешто на срцето.„Ако го минував моето време во омраза, моите емоции ќе беа одамна потрошени и јас немаше да бидам ништо повеќе од една празна школка“